Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти, по завршувањето на сезоната ќе стави крај на својата спортска кариера, потврди новиот спортски директор на клубот, Мончи.
Поранешниот спортски директор на Севилја, кој во средата, официјално ја презеде истата функција во Рома, рекол дека на 40-годишниот Тоти нема да му биде обновен договорот, туку дека по завршувањето на сезоната ќе стане директор на клубот.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
На крајот на сезоната договорот му истекува и на уште еден легендарен играч на Рома, Даниеле Де Роси, за кого новиот спортски директор рекол дека сака тој да остане во клубот.
Франческо Тоти во досегашната кариера има одиграно 783 натпревари за Рома, на кои постигнал 307 гола и забележал 123 асистенции. Неколку пати во кариерата ги одбивал најмоќните европски клубови, кои му нуделе многу подобри финансиски услови.
Повеќе настапи во Серија А од Тоти (615) имаат само Џиџи Буфон (616) и Паоло Малдини (647), а само легендата на Лацио, Стефано Пијола, има постигнато повеќе голови во националниот шампионат од Тоти (274/250).
Со Рома има една титула во Серија А (2001) и по две во Купот на Италија и Суперкупот.
Тоти со италијанската репрезентација ја освои титулата светски првак во 2006 година, а набргу по победата во Германија се повлече од репрезентацијата.