Дома Македонски спорт Акционерите на прилепска „Победа“, своите акции му ги отстапуваат на градот

Акционерите на прилепска „Победа“, своите акции му ги отстапуваат на градот

За вкупна цена од 5 евра, досегашните акционери на најпопуларниот спортски клуб во Прилеп, ФК „Победа“ своите акции му ги отстапуваат на градот.

Финансиската поддршка во висина од 3 милиони денари, која фудбалскиот клуб досега ја имаше од локалната самоуправа останува и понатаму, а согласно законската регулатива заради претстојните претсдателски избори, средствата ќе бидат префрлени веднаш после нивното завршување. Исто така, Општина Прилеп продолжува со реализација на преземената обврска за покривање на северната и реконструкција на јужната трибина.


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Сето ова на денешната прес конференција го истакна градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски кој нагласи дека со отстапувањето на акциите на градот, се отвора можноста во клубот да инвестират сите заинтересирани граѓани и бизнисмени.

„Од овој момент акциите на клубот стојат на располагање. Упатувам апел до сите стопанственици и заинтересирани граѓани кои го сакаат фудбалот и „Победа“, да вложат одредени средства во клубот и тој во иднина успешно да функционира. Како што може да се види, на стадионот се одвиваат градежни работи, се поставува покривната конструкција на северната трибина. Останувам на ветувањето дека до почетокот на новата фудбалска сезона, Општина Прилеп ќе ги исполни сите преземени обврски, за кои од буџетот се издвоени околу 40 милиони денари. Се надевам дека и Фудбалската федерација ќе го исполни ветувањето и ќе постави нова трева, со што од следната сезона љубителите на фудбалот од Прилеп на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, после пауза од неколку години, повторно ќе гледаат прволигашки фудбал“, истакна градоначалникот Јованоски.

„Причината за отстапување на акциите е да се врати клубот на оние на кои што припаѓа, на граѓаните на Прилеп, на градот Прилеп, а нашата одлука беше поддржана и од градоначалникот Илија Јованоски. Ние сме 5 акционери и согласноста е обезбедена од сите нив. Акциите ќе бидат дадени на јавна објава, на продажба на останати компании, на сите кои се заинтересирани за спас на „Победа“ и да се врати клубот онаму каде што припаѓа. И понатаму ќе останеме покрај новото раководство и финансиски ќе го поддржуваме“, изјави претседателката на ФК „Победа“ и досегашен акционер, Ирена Јакимоска.

До крајот на првенството, со посебно овластување на актуелната претседателка Јакимоска, со клубот ќе раководи Генералниот секретар на ФК „Победа“ Миле Спиркоски.

„Ќе се обидеме да опстанеме во Првата лига, ова е еден од најтешките моменти бидејќи веројатно сме единствен клуб во светот кој 3 години игра на гостински терен, што е тешко кога се борите за опстанок бидејќи ја немате помошта од публиката. Затоа сакам да му се заблагодарам на градоначалникот, што после 3 години некој се одлучи да го реши овој проблем. Целта е да се стабилизира клубот, да функционира онака како што му доликува на еден клуб од Прва лига и како што му доликува на Прилеп, кој што важеше за еден од најспортските градови во државата“, потенцираше Спиркоски.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Македонија напредуваше на ФИФА ранг листата

Македонската фудбалска репрезентација го подобри својот пласман на ранкингот на Светската …