Во Монте Карло беше одржана првата рунда преговори помеѓу Милан, Џанлуиџи Донарума и неговиот менаџер Мино Рајола.
Понудата од Милан за петгодишен договор со суперталентираниот чувар на фудбалската мрежа изнесува 5 милиони евра со бонуси. Росонерите не можат да одат над таа сума за 18-годишното чудо од голман и сакаат одговор што поскоро.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Меѓутоа, Рајола на состанокот барал неверојатни 8 милиони евра годишно. Тоа значи дека младиот голман сака да има најголема плата во Серија А. Моментално најплатени во „Калчото“ се двете ѕвезди на Јувентус, Аргентинците Игуаин и Дибала, со по 7,5 милиони евра по сезона.
Милан секако планираше да го сруши тој моментален рекорд на најплатен играч во Серија А. Но, не со Донарума, туку со Алваро Мората. Напаѓачот на Реал веќе ја прифати понудата за петгодишен договор со плата од 8 милиони по сезона. После тоа следат преговорите со Реал и понуда тешка 60 милиони евра.
Свесен за тоа, Рајола знае дека Донарума на Милан му значи повеќе отколку Мората, па сака да извлече максимален договор за својот клиент. Рајола и понатаму продолжува да ги отежнува работите, а Донарума го следи во тоа. Бараше време да размисли. Рајола, исто така, инсистира откупната клаузула о новиот договор на Донарума да биде фиксирана на сума од 100 милиони евра. Милан засега се нема изјаснето за таа опција.
На Милан му е преку глава од компликации, па на Рајола и Донарума му дадоа рок од седумдена за конечен одговор околу новиот договор. Во спротивно голманот ќе се соочи со последиците, а тоа значи греење на клупата и трибините до крајот на следната сезона и актуелниот договор кога може да си замине без обештетување. Милан не сака во новата сезона да влезе со нерешено прашање околу статусот со чувар на мрежата.
За таа цел спремаат план Б. Ако Донарума одбие соработка, прва мета на Милан е Војчех Шченсни. Тој заминува од Рома после двегодишна позајмица, а Арсенал не сака да го задржи. Се споменува и Наполи кој го нема решено статусот со Реина, но и Јувентус кој Полјакот би го зел како алтернатива за Буфон, а потоа да го спрема еден ден да го наследи славниот Џиџи. Понудата од Милан би била поатрактивна, бидејќи ќе му понудат статус на прв голман. Секако, сето ова под услов Донарума да го одбие новиот договор.