Раководството на Академија Пандев вложи жалба до Натпреварувачката комисија на ФФМ, по загубениот дуел со Шкендија од 1-0 во домашната Прва лига, бидејќи смета дека се брутално прекршени правилата и актите на ФФМ.
Имено, на тој натпревар Шкендија одреден период одигра без играч од младинскиот погон и со тоа го наруши правилникот од Куќата на фудбалот во нашата земја.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Поради тоа Академија Пандев смета дека дуелот треба да биде регистриран со службен резултат 3-0 во нивна корист, а во прилог на тоа ги посочува следните аргументи:
“Член 63
На натпреварите од системот на постојано натпреварување со право на настап се стекнуваат фудбалерите регистрирани согласно Правилникот за регистрација, статус и трансфер на фудбалери на ФФМ.
Правото на настап на фудбалерите пред почеток на натпреварот го утврдува делегатот на натпреварот во присуство на претставниците на двата клуба со преглед на спортската легитимација и останатите документи предвидени со пропозициите на соодветното натпреварување.”
Но, во 21 минута од натпреварот од страна на главниот судија Јакимовски Дејан беше исклучен домашниот играч со број 22 Фазлагиќ Енис (Мл) со комет број 126086 поради груба игра, спречување очигледна шанса за гол, после овој настан натпреварот продолжи, а екипата на ФК Шкендија АД не внесе во игра играч под 21 година се до 36 минута, од кога ФК Шкендија АД увиде
дека направија грешка изврши измена и во игра влезе играчот со број 11 Шефити Шефит (Мл) со комет број 101169, а со тоа го прекрши членот 20 став 3 од пропозициите за натпреварување во Првата МФЛ кој гласи:
“Сите клубови учесници во натпреварувањето во Првата лига првото полувреме мора да го започнат и да го завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено 21 година. “
Со исклучувањето на играчот Фазлагиќ Енис, ФК Шкендија од Тетово играше без играч до 21 година цели 15 минути или 1/3 од првото полувреме согласно пропозициите за натпреварување во Првата МФЛ што може да се констатира од официјалниот записник од одиграниот натпревар.
Поради ова грубо прекршување на одредбите на член 20 од пропозициите за натпреваување на Првата МФЛ БАРАМЕ жалбата да ни биде прифатена и натпреварот да се регистрира со службен резултат 3-0 во корист на ФК Академија Пандев од Струмица согласно одредбите на член 100 точка 10 од правилникот за натпревари на Фудбалската федерација на Македонија кој гласи:
“ОДЛУКА ПО ЖАЛБА
Член 100
На основ на поднесена жалба по натпревар натпреварот ќе се регистрира со службен резултат 3:0 во корист на екипата која се жалела доколку за време на натпреварот не е постигнат поповолен резултат, доколку противничката екипа:
1. Настапила со фудбалер кој за неа не е регистриран,
2.Настапила со фудбалер кој немал право на настап на тој натпревар за таа екипа врз основа на одлука на надлежен орган или причини предвидени со одредбите на општите акти на ФФМ, не земајќи ги во предвид одредбите на член 99 од овој правилник.
3. Настапила со фудбалер закој не е утврден идентитет по одредбите на овој Правилник.
4. Настапила со фудбалер за кој со конечна одлука на надлежен орган за регистрација на фудбалери е утврдено дека е регистриран со неправилна примена на прописите за регистрација или врз основа на неточни податоци.
5. Настапила со фудбалер кој се наоѓа под казна за забрана на настап или суспензија, или ако клубот или екипата биле под суспензија,
6. Настапила со фудбалер кој не е евидентиран во составот на екипата на записник пред почетокот на натпреварот,
7. Заменила повеќе од дозволениот број на фудбалери на тој натпревар,
8. Настапила со фудбалер кој на тој натпревар претходно бил заменет,
9. Настапила со фудбалер кој на тој натпревар за тој клуб немал право на настап.
10. Започнала/играла натпревар со помалку млади фудбалери од пропишаните во Пропозициите за соодветното натпреварување.
11. Настапила со поголем број фудбалери странци од дозволениот (каде што е применливо)
Доколку жалбата ја поднесува клуб чија екипа е засегната со резултатот од натпреварот (трета страна) натпреварот ќе се регистрира со службен резултат 3:0 во корист на екипата која го играла натпреварот а не го направила прекршокот.
Органот кој го води натпреварувањето за направен прекршок по погоре наведените основи поднесува барање/пријава за покренување дисциплинска постапка против клубот чија екипа го направила прекршокот.” (Ова им е по втор пат како прават вакви грешки)
Поради тоа БАРАМЕ:
Покренување на дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД од Тетово за сторениот прекршок“.
Покрај сето ова, мораме да ги нагласиме лошите временски услови и дискутабилното судење на Дејан Јакимовски.
Академија Пандев нагласува дека воопшто немаше намера да се жали бидејќи ние како клуб се залагаме за борба на зелениот терен, а не во канцелариите на ФФМ. За жалбата бевме испровоцирани од неколку медиуми кои побрзаа да заклучат дека не сме во право иако, очигледно, не ги познаваат во целост актите и правилата.
На крајот, Академија Пандев истакнува дека целосно го респектира Фудбалскиот клуб Шкендија со кого имаме прекрасни односи кои можат да служат како пример за тоа како треба да се негуваат релации меѓу два клуба. Но, во овој случај мора да се почитуваат актите и правилата на ФФМ за да не дојде до нивно прекршување во иднина“ се вели во соопштението на Академија Пандев.