Дома Tennis Започнува Вимблдон За првпат по 148 години ќе се игра без судии!

Започнува Вимблдон За првпат по 148 години ќе се игра без судии!

Белиот кодекс на облекување е спремен, јагодите веќе се сервират на терените на Ол Ингланд Клубот, а трибините се подготвени да ги пречекаат првите поени. Култниот Гренд Слем турнир Вимблдон денес започнува, а тенисерите ќе се натпреваруваат за титулата на најпрестижниот турнир во светот.

Ова издание на Вимблдон е навистина посебно, па дури и историско, бидејќи по 148 години за првпат нема да има линиски судии на теренот. Наместо тоа, воведен е систем за електронско судење (ЕЛЦ), со околу 450 камери на главните терени.

Не се плашам од немање пари – FitKit, Coach Foods и претприемачкиот пат на Јосиф Дамјанов ↓↓↓


Оваа новина предизвика емоции кај многумина – некои жалаат за драмата што ја носеа човечките одлуки, додека други ја ценат прецизноста и усогласеноста со останатите Гренд Слемови.

Програмата започнува на помалите терени, а првиот натпревар на Централниот терен од 14:30 ч. ќе го има бранителот на титулата Карлос Алкараз, кој ќе се соочи со легендарниот Италијанец Фабио Фоњини.

Фоњини е на крајот од својата кариера и е рангиран на 128-то место во светот, па се очекува да биде лесна задача за Алкараз за добар почеток на турнирот.

Минатата сезона, Алкараз во големото финале го надигра Новак Ѓоковиќ со 3:0 во сетови (6:2, 6:2, 7:6) и го освои златниот трофеј, а оваа сезона и Ѓоковиќ е еден од главните фаворити за титулата.

Српскиот тенисер на теренот ќе го видиме првпат во вторник, кога ќе игра против Французот Александре Мулер.

Во женска конкуренција, титулата ќе ја брани Барбора Крејчикова, Чешката тенисерка која минатата сезона во финалето ја совлада Италијанката Жасмин Паолини со 2:1 во сетови.

Крејчикова својот пат за одбрана на титулата го започнува со дуел против Александра Еала од Филипини, а нивниот натпревар е закажан за вторник.

Сепак, таа не се смета за прва фаворитка на турнирот, бидејќи таа улога и е доделена на брилијантната Арина Сабаленка од Белорусија.

Отстранувањето на линиските судии не е единствената промена што ги интересира навивачите, бидејќи со тоа и цената на познатите јагоди со крем се зголеми. За првпат во 15 години, сега јагодите со крем чинат 3,15 евра, наспроти 2,9 евра колку што беше претходно.

Годишно се продаваат околу 140.000 порции јагоди, што значи дека организаторите годинава ќе имаат дополнителен приход од 33.000 евра.

Наградниот фонд на овој Вимблдон изнесува 62 милиони евра, а победниците во машка и женска конкуренција ќе добијат по 3,5 милиони евра. Финалистите ќе добијат нешто помалку од два милиони евра.

Вкупниот награден фонд, во споредба со минатата година, се зголемил за седум проценти.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Tennis