
Тренерот на Борусија Дортмунд, Нури Сахин, се придружи на низата тренери и играчи кои истакнаа дека фудбалерите сѐ потешко го издржуваат товарот што го носи густото натпреварувачко темпо. “Товарот е тешко поднослив, особено за репрезентативците”, рече Сахин во пресрет на вечерашниот натпревар на неговиот тим во Лигата на шампионите против Барселона, во кој нема да може да смета на најмалку петмина повредени играчи.
Со него сигурно се согласува и тренерот на Динамо, Ненад Бјелица, кој во вторникот против Селтик имаше на располагање само 15 играчи од сениорскиот состав. Сахин во својата анализа не се осврна само на зголемениот број натпревари, туку и на други елементи што влијаат на перформансите на денешните фудбалери.
Disc Golf challenge: Дали некој ќе погоди од прва!? ↓↓↓
“Играта беше многу поинаква пред 10 или 15 години – многу помалку спринтирање, многу помалку трчање. Сега мораш да се исцрпиш до крајни граници на секој натпревар”, истакна тренерот на Борусија.
Време за одмор играчите речиси и немаат. Во новиот систем на Лигата на шампионите основното натпреварување е зголемено за уште две кола, а следната година за првпат ќе се одржи проширено Светско клупско првенство на кое екипите што ќе стигнат до финалето ќе одиграт вкупно седум натпревари. Финалето е закажано на 13 јули, само шест недели пред почетокот на новата сезона за повеќето европски екипи.
Но, Сахин е свесен дека неговите зборови нема да имаат голем одек. “Ни Пеп (Гвардиола), ни Јирген Клоп не можеа да го променат тоа со изјави на прес-конференции. Не очекувам дека ФИФА ќе направи некакви промени затоа што на тоа укажал Нури Сахин”, порача 36-годишниот тренер.