
Македонските претставници и ова лето ќе ја бранат честа на домашниот фудбал во квалификациите за Конференциската лига. Работнички, Силекс и Вардар се трите екипи кои ќе настапат во ова натпреварување, а по ждрепката за првото коло, денеска беа извлечени и можните противници за втората рунда.
Куп-освојувачот Вардар, кој ја доби улогата на носител, ќе ја започне европската мисија против Ла Фиорита од Сан Марино. Ако ја заврши работата уште во првиот двомеч, во втората квалификациска рунда го чека сериозен предизвик во ликот на швајцарскиот Лозана.
Сè што треба да знаете за НОВИОТ формат на Светското клупско првенство! ↓↓↓
Работнички, кој за ривал го доби Торпедо од Белорусија, исто така доби тежок можен противник за следната фаза – израелски Макаби Хаифа, екипа со богато европско искуство.
Сличен пат го очекува и Силекс, кој прво ќе се сретне со Дечиќ од Црна Гора, а ако успее да го мине овој чекор, во второто коло ќе се судри со австрискиот Рапид, еден од најтешките можни противници во оваа фаза.
Македонските клубови ги чекаат сериозни предизвици, но оптимизмот и надежта за пласман понатаму остануваат присутни кај навивачите.