
По пауза подолга од дваесет години, Вардар повторно ќе се врати таму каде што во минатото ги испишуваше дел од своите најзначајни страници – во салата „Расадник“. Камбекот на поранешниот европски првак е најавен за почетокот на 2026 година.
Информацијата ја потврди претседателот на клубот, Михајло Михајловски, на средбата со новинарите со која го заокружи спортскиот дел од 2025 година. Како што истакна, реконструкцијата на салата влегува во финална фаза и се очекува целосно да биде завршена до крајот на јануари.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
„Остануваат уште работите околу системот за греење, по што салата ќе може да се користи за тренинзи. Планот е Вардар во ‘Расадник’ да ги игра натпреварите од домашното првенство, додека европските мечеви ќе останат во ‘Јане Сандански’“, изјави Михајловски.
Реконструкцијата на „Расадник“ започна во ноември минатата година и првично беше најавено дека ќе трае 20 месеци, но процесот оди побрзо од предвиденото. Објектот со години беше запуштен и без спортски настани, поради што пред околу година и пол Владата ја пренесе салата на управување на општина Кисела Вода, со јасна цел – да ѝ се врати првобитната спортска функција.