
УЕФА планира промени во квалификацискиот систем за Светското првенство и Европското првенство, а новиот формат треба да биде презентиран во наредните шест месеци, изјави претседателот на европската куќа на фудбалот Александар Чеферин.
Сепак, Чеферин на Бизнис форумот на фудбалот во Милано категорично ја отфрли можноста сличен систем како за Лигата на шампионите да се примени и на квалификациите за репрезентации.
Данска vs. Македонија: Како тие се справуваат со отпадот, додека ние се расправаме кој е крив?
„Не“, кратко одговори Чеферин.
На дополнително прашање кога плановите ќе бидат објавени, одговори: „Би рекол дека за околу шест месеци ќе знаеме повеќе.“
Пред еден месец се појавија шпекулации дека УЕФА разгледува „лига по пример на Лигата на шампионите“ и за квалификациите за следното Европско првенство, по навестувањата на Чеферин на конференција во Лисабон. УЕФА моментално разгледува начини да го зголеми интересот за квалификациите, бидејќи интересот на навивачите и телевизиските куќи опаѓа, особено поради големите разлики во квалитетот меѓу репрезентациите.
Сегашниот систем за квалификации за Светското првенство 2026 подразбира групи од четири или пет тимови кои играат двојно, но недостатокот на атрактивни дуели и голем број еднострани натпревари стана очигледен. Најголемата победа оваа година беше Австрија – Сан Марино 10:0, додека Франција пред две години во квалификациите за ЕУРО 2024 го совлада Гибралтар со 14:0. Чеферин нагласи дека се разгледуваат две опции.
„Уште не знаеме точно во кој правец ќе одиме. Дали има смисла да имате резултат од 10:0? А повторно, дали има смисла малите и средни репрезентации постојано да играат против големите и никогаш да не се квалификуваат? Ако можеме некако да ги комбинираме тие два пристапи, тоа би било идеално“, изјави Чеферин.
УЕФА преку натпреварувањето Лига на нации веќе овозможи да барем една послабо рангирана репрезентација се избори за пласман на Европското првенство. Така, Македонија играше на ЕУРО 2020, а Грузија на ЕУРО 2024, каде стигна до осмина финале, каде испадна од идниот шампион, Шпанија.