
Дванаесет години поминаа од тешката скијачка несреќа на Михаел Шумахер во Мерибел, Франција, што доведе до повлекување на еден од најголемите возачи во историјата на Формула 1 од јавноста. Додека неговото семејство сè уште строго ја заштитува неговата приватност, во неговиот роден град Керпент повторно се поставува прашањето зошто градот сè уште не му ја додели титулата почесен граѓанин на Шумахер.
Повод е годишнината од несреќата на 29 декември 2013 година, а незадоволството повторно го изрази Рајнер Ферлинг, претседател на клубот на обожавателите на Михаел и Мик Шумахер Керпент. Ферлинг, кој години наназад се залага за симболично признание на седумкратниот светски шампион, тврди дека градските власти систематски го избегнуваат донесувањето на одлука.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Според него, градот повеќепати се повикува на процедурални причини, од отсуство на прописи до “други приоритети”, иако една улица во Керпент веќе е посветена на Шумахер.
„Ова е срамота за градот. Години наназад политичарите се радуваа да се појавуваат со Михаел додека тој му донесуваше светска слава на Керпент, а денес наводно немаат време за него”, вели Ферлинг во отворено писмо, пренесува Кронен Цајтунг.
Исто така, потсетува на претходните спорови околу картинг патеката во Керпент, каде што Шумахер ја започна својата кариера, истакнувајќи дека градот тогаш не покажа доволно одлучност ниту визија.
Особено истакнува дека други градови и области, како што се Спа или Маранело, знаеја како на достоен начин да им оддадат чест на спортските постигнувања на Шумахер.
Да потсетиме, Михаел Шумахер веќе повеќе од деценија живее далеку од очите на јавноста по тешката скијачка несреќа во која претрпе сериозни повреди на главата. Од тогаш, семејството никогаш не изнесе детали за неговото здравствено состојба, истакнувајќи дека ја почитуваат неговата желба за приватност.