
Реал Мадрид синоќа претрпе уште еден пораз на домашен терен, оваа пат од Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Ситуацијата на Чаби Алонсо е сè понеблагодарна, бидејќи шансите за негов отказ се зголемуваат, а се шпекулира дека новиот тренер бил таму, во ВИП ложата, за да го следи натпреварот.
Кризата во Реал Мадрид не престанува. Тимот на Алонсо доживеа два последователни порази, прво од Селта во лигата, а сега од Сити во Лигата на шампионите, и тоа на домашен терен. Кралскиот клуб успеа да оствари победа само во три од девет натпревари во сите натпреварувања.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
“Резултатите се какви што се. Ова не е нова ситуација за многу тренери, и мораме да ја прифатиме, особено во Реал Мадрид. Мораме да се соочиме директно со ова”, изјави Алонсо на прес-конференцијата по натпреварот.
Многумина се прашуваат кој ќе го наследи Алонсо ако биде отпуштен?
Шпански медиуми известуваат дека Зинедин Зидан бил присутен на стадионот Сантијаго Бернабеу за време на натпреварот против Манчестер Сити. Французинот бил во ВИП ложата со својата сопруга. Поради тоа, се појавуваат шпекулации дека токму Зидан би можел да го преземе кормилото на Реал Мадрид.
“Зидан го посети Бернабеу инкогнито. Некои го гледаат како решението за сега, во неговиот трет обид”, пишува каталонскиот дневен весник Спорт.
Зидан го водеше Реал на повеќе од 260 натпревари. Французинот постигна големи успеси со клубот од 2016 до 2018 година, и повторно дојде во клубот во март 2019 година, останувајќи до јуни 2021.
Во тој период, Зидан освои три титули од Лигата на шампионите, како и две титули шампион на Шпанија, два шпански Суперкупа, две титули светски клупски шампион и два УЕФА Суперкупа.
Последниве месеци медиумите известуваа дека враќањето на Зидан во тренерската професија е на повидок. Се шпекулира дека тој е заинтересиран за позицијата селектор на француската репрезентација, откако Дидие Дешамп планира да се повлече по Светското првенство.