Дома Фудбал Седлоски: Нема поголем мотив од вакви натпревари, чуда се случуваат!

Седлоски: Нема поголем мотив од вакви натпревари, чуда се случуваат!

Македонската фудбалска репрезентација утревечер (20:45 часот) ја очекува еден од најголемите предизвици во последните години – гостување кај Данска на „Паркен“ во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство. Иако противникот важи за фаворит, селекторот Гоце Седлоски уверува дека неговите избраници подготвено и со максимална концентрација влегуваат во дуелот.

Според стратегот на „црвено-жолтите“, атмосферата во тимот е на високо ниво, а заедништвото е една од главните предности пред вакви натпревари.

Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст


„Тимот е целосно фокусиран, функционираме како едно семејство и така ќе продолжиме и по натпреварот. Свесни сме што значи да се игра за Македонија и каква одговорност носи тој дрес. Секој од нас мора да го даде максимумот,“ истакна Седлоски.

И покрај тоа што Данците се фаворити на хартија, македонската селекција нема намера да се предаде однапред. Напротив, планот е јасен – да се одигра дисциплинирано и храбро, со цел да се избори место во финалето од баражот.

„Не бегаме од фактот дека противникот е фаворит, но тоа не значи дека немаме свои амбиции. Трениравме интензивно изминатите денови, играчите точно знаат што се бара од нив. Подготвени сме и за евентуални пенали, но нашата цел е мечот да го решиме во регуларниот дел. Имам јасна идеја за составот и формацијата, но тоа ќе остане во соблекувалната до самиот почеток,“ додаде селекторот.

Седлоски не штеди пофалби за квалитетот на Данска, но нагласува дека исходот ќе зависи од пристапот на неговите фудбалери на теренот.

„Данска е сериозна репрезентација со врвни индивидуалци, но клучот е во нас. Ако излеземе со вистински пристап, ако ‘изгинеме’ на теренот и одиграме храбро, можеме да се надеваме на позитивен резултат. Не е првпат да нè отпишуваат, а токму во такви ситуации знаеме да одиграме најдобро. Фудбалот знае да донесе изненадувања – зошто тоа да не се случи и овојпат,“ порача Седлоски.

Дополнителен мотив, како што посочува, е токму потценувањето од противникот, но и фактот што македонските репрезентативци настапуваат во силни европски клубови и имаат доволно квалитет да се носат со секого.

„Нема поголем мотив од вакви натпревари. Сите се максимално подготвени и решени да го дадат најдоброто од себе,“ заклучи македонскиот селектор.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Тренерски „земјотрес“ во Премиер лигата – Андони Ираола?

Андони Ираола ги брои последните месеци на клупата на Борнмут, а неговиот следен клуб може…