
Веќе неколку месеци тлее огнот меѓу перспективниот шпански тренер Чаби Алонсо и Реал Мадрид, а од денешното попладне сме чекор поблиску до тоа, откако извршниот директор на актуелниот германски шампион Фернандо Кaро индиректно го најави новиот шеф на стручниот штаб на кралскиот клуб.
Минатонеделната елиминација на Реал Мадрид од Лигата на шампионите ги забрза шпекулациите дека Карло Анчелоти би можел да ја заврши својата мисија на „Сантијаго Бернабеу“, а овие индиции би можеле и порано да се остварат ако кралскиот клуб во сабота загуби во финалето на Купот на кралот од Барселона.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
И покрај малку помпезните најави дека наместо Анчелоти би можел да дојде Јирген Клоп, името на Алонсо беше многу поприфатливо, и ако постоеше дилема во врска со тоа, таа беше отстранета по зборовите на Каро.
“Чаби Алонсо нема излезна клаузула, но со него постигнавме џентлменски договор. Ако дојде екипа за која има играно, ќе преговараме и нема да му правиме никакви пречки во врска со идниот ангажман”, рече главниот оперативец на бундеслигашот од Леверкузен.
Каро додаде дека Баер негува добри односи со Реал Мадрид, со што индиректно насети позитивен тек на идните преговори, спомнувајќи дека сето тоа би можело да биде познато најдоцна до втората половина на мај.
Фото: Bayer 04 Leverkusen