Во претходните недели многу се шпекулираше за Роналд Араухо кој побара трансфер од Барселона бидејќи не беше задоволен со статусот во тимот откако се рехабилитира од повреда, но во последните денови се случи пресврт и конечно е позната судбината на овој Уругваец.
Араухо во претходните сезони беше еден од најважните играчи во Барселона, особено додека тренер беше Ќави Ернандес кој дури му ја даде капитенската лента на Уругваецот.
Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
Но, Араухо летоска се повреди на Копа Америка во најлош момент кога Ханси Флик ја презеде Барселона.
Надвор од теренот беше речиси половина година, а во тој период се наметнаа други играчи кај Флик. И кога се опорави од повредата, Араухо сфати дека тешко ќе добие минутажа како претходно, па започна преговори со други клубови и побара трансфер.
Најголем интерес покажа Јувентус кој беше подготвен да плати 70 милиони евра за него и се чинеше дека трансферот е готова работа, но потоа дојде до голем пресврт.
Араухо ја доби шансата на шпанскиот Суперкуп кога се повреди Иниго Мартинез и тоа го искористи, играјќи одлично финале против Реал Мадрид кое Барселона на крајот го доби со 5:2.
Потоа и соиграчите почнаа да го убедуваат да остане, а Флик му даде знак на Араухо дека ќе смета посериозно на него бидејќи разбра каков играч е.
Поради тоа Араухо му соопшти на Јувентус дека се откажува од трансферот, а како што објави „Мундо Депортиво“ ексклузивно денес го продолжи договорот со Барселона и сега се чека само официјалната потврда.
Тој имаше договор до летото 2026 година и не сакаше да го продолжи, но се премисли и потпиша повеќегодишен договор со Каталонците кои го уверија дека за него е најдобро да остане.