Реал Мадрид во полуфиналето на шпанскиот Супер куп ја победи Мајорка со 3:0 и закажа дуел со најголемиот ривал, Барселона. Победникот на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда беше решен од Џуд Белингам со гол во 63. минута и автоголот на Валјент, како и погодокот на Родриго во судиското продолжение.
Реал Мадрид како апсолутен фаворит влезе во натпреварот полуфинале на Супер купот против Мајорка. Тоа го покажаа и на теренот и беа многу подобар тим, па на крајот заслужено одат во финале.
Колку може подмладената Македонија на Лазаров на СП!? ↓↓↓
Кралскиот клуб доминираше од првата минута. Редеше шанса по шанса пред противничкиот гол, но топката не сакаше да влезе во мрежата.
Мајорка ги издржа сите напади на Кралевите во првото полувреме (0:0), но во продолжението тимот на Карло Анчелоти дополнително го засили притисокот.
Навистина беше неверојатно што сè издржа Мајорка, но во 63. минута повеќе не можеше. Џуд Белингам искористи една од шансите и постигна гол за водство од 1:0.
Неколку минути пред тоа, Реал остана без Аурелиен Чуамени кој мораше да го напушти теренот поради повреда.
По водечкиот гол, Реал сакаше да ја заврши работата. И понатаму шпанскиот шампион доминираше, но немаше промена на резултатот до судиското продолжение на мечот. Прво Валјент си постигна автогол за 2:0, а Родриго на крајот постави конечни 3:0.
Кралевите одат во финалето каде што на 12 јануари на истиот овој стадион ги очекува дуел со најголемиот ривал, Барселона.