
По вчерашниот прв собир на машкиот национален тим во Струмица, селекторот Јошко Миленкоски и неговиот стручен штаб веднаш имаат (по)јасна слика со што ќе располагаат во пресрет на настапот во ЦЕВ Златната Европска лига.
Средниот блокер на Штип УГД, Михајло Мирасчиев се појави во Струмица, но за да се откаже од репрезентативниот повик поради приватни причини.
Под знак прашалник е настапот и на уште еден играч на оваа позиција – Филип Маџунков. Маџунков се стави на располагање на националниот тим и тренира со екипата во Струмица, но истовремено чека и операција на коленото. Тој имаше една операција на крајот на февруари, на левото колено – повреда, која е успешно санирана, но сега проблем е десното колено и потребно е да се направи мала интервенција. Во консултација со селекторот Миленкоски, челниците на Федерацијата и лекарскиот тим ќе биде донесена одлука дали операцијата ќе се направи во најкус можен рок, но тоа би значело отсуство на Маџунков од натпреварите во ЦЕВ Златната Европска лига. Во таков случај средниот блокер ќе се врати во националниот тим за евро-квалификациските дуели со Грција и Грузија во август.
Репрезентацијата од вчера е во Струмица, каде ќе тренира една недела, а потоа патува за Марибор, каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска, како финална проверка на силата пред почетокот на годинешното издание на ЦЕВ Златната Европска лига.