
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, на денешната седница, донесе одлука за покренување дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија на ФФМ против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини.
„Постапката се покренува поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, поврзано со авансната исплата во износ од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Исплатата, согласно достапната документација, била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор и спротивно на понудата и надлежностите и без да биде обезбедена банкарска гаранција.
Управниот одбор оценува дека постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што се нанесени негативни последици врз репутацијата и финансиското работење на федерацијата.
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ.
Ревизијата ќе опфати проверка на тоа дали се почитувани роковите, процедурите и критериумите за посетување и учество на едукативните модули, како и постапката за издавање на тренерски лиценци.
Меѓу другото, ќе се испита и начинот на кој поранешниот селектор Игор Ангеловски ја добил својата ПРО лиценца, ревизија која тој самиот ја побара“, соопштија од ФФМ.