
Поранешниот НБА кошаркар Гилберт Аренас беше уапсен во средата заедно со уште петмина поради организирање нелегални покер игри. Аренас (43), некогашна ѕвезда на Вашингтон Визардс, ја изнајмил својата луксузна резиденција во Енсинo, област во Лос Анџелес, за да организира “високоризични нелегални покер игри”, во периодот од септември 2021 до јули 2022 година, стои во обвинувањето.
Против него се поднесени три обвиненија, вклучувајќи организирање нелегални активности со коцкање, за кои се предвидува до пет години затвор за секоја. На сослушувањето во федералниот суд во Лос Анџелес во средата попладне, тој се изјасни како невин и беше пуштен по плаќање на кауција од 50.000 долари. Судскиот процес е закажан за 23 септември. Меѓу останатите уапсени е и Израелецот Евгениј Гершман, за кој се верува дека е позната фигура во криминалните кругови.
Дејан Димовски: Скопје троши 700 литри вода дневно по жител | Уште еден поткаст ↓↓↓
Аренас, трикратен ол-стар, играше во НБА до 2012 година, пред да одигра една сезона во Кина со Шангај Шаркс. Неговата кариера ја заврши со просек од 20.7 кошеви и 5.3 асистенции по натпревар. И во минатото имаше проблеми со законот, поради што беше и суспендиран од НБА лигата. Исто така, остана запомнет по случајот со носење и вадење оружје во соблекувалната на Вашингтон.