
Проблемите на Барселона со судскиот систем се заоструваат. Документ од каталонската полиција (Mossos d’Esquadra) разоткрива наводни финансиски неправилности во клубот, со цел, меѓу другите причини, да се плаќаат помали даноци кон државната каса. Една од овие неправилности е поврзана со трансферот на Бразилецот Малком во јули 2018 година.
Според публикација на “Ел Периодико”, извештајот на полицијата, доставен до Истражниот суд број 16 во Барселона, кој го истражува поранешниот претседател Џозеп Марија Бартомеу и други поранешни раководители за наводни финансиски злоупотреби, ја доведува во прашање сумата од 10 милиони евра, исплатени од Барса на компанијата Bussines Futbol España (BFE). Се вели дека сумата била за „посреднички операции“ помеѓу 2018 и 2020 година, кои најверојатно одговараат на „можни неосновани, непостоечки или значително зголемени услуги во споредба со пазарната цена“.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Обвинителството смета дека Бартомеу, против кого има повеќе нерешени предмети, и останатите обвинети (поранешниот извршен директор Оскар Грау; поранешниот спортски потпретседател Жорди Местре; поранешниот главен извршен директор Игнасио Местре; поранешниот финансиски директор Франциско Шрьодер; комесарот на Espai Barça, Жорди Моиш…) донесувале одлуки, „присвојувајќи си овластувања кои припаѓаат на Одборот на директори, од кого ги криеле реалните аспекти на операциите“. Тие се обвинети за дело на нелојално управување.
Комисионите за трансферот на Малком од Бордо се една од наводно незаконските операции под истрага од судот. Полицијата утврдила „очигледна промена“ во работниот договор меѓу Барса и Бразилецот по неговото ангажирање. Намерата била првично договорената сума за комисион од 10 милиони евра, платливо за три години и договорено на 24 јули 2018 година, да биде заменета со исплата од 1,5 милиони и дополнителни 8,4 милиони на BFE за посредување при трансферот. Почетниот договор претпоставувал задршка на данокот на лични приходи (IRPF) од речиси 50%, но со промената државната каса добила помалку приходи од трансферот. Владата на новиот претседател Жоан Лапорта требала да изврши „превентивна даночна регулација“ за да избегне казна.
Другите наводно незаконски операции се хонорарите што клубот му ги платил на адвокатот Гонзалес Франко во износ од 1,7 милиони евра за судска спогодба по трансферот на Нејмар, како и исплатата на обештетување од 1,5 милиони евра на клубот Лаиета за наводни непријатности предизвикани од градежните работи на проектот Espai Barça.