Дома Фудбал Почнува она вистинското: Четвртфинале на Лигата на шампионите и пет нешта кои мора да ги знаете

Почнува она вистинското: Четвртфинале на Лигата на шампионите и пет нешта кои мора да ги знаете

Пред нас е четвртфиналето на Лигата на шампионите – со него доаѓаат историски дуели, можност за реванш на една екипа од Премиер лигата и многу ѕвезди на теренот, од Килијан Мбапе до Хари Кејн.

Напаѓачот на Арсенал, Виктор Ѓокерес, се враќа во својот поранешен клуб Спортинг од Лисабон после што стана херој на Шведска во квалификациите за Светското првенство. Во исто време, шпанските гиганти Барселона и Атлетико Мадрид ќе си ги измерат силите во првиот европски натпревар на тимови од истата земја оваа сезона. Арсенал на Микел Артета верува дека може да оди до самото финале во Будимпешта на 30 мај, додека Реал Мадрид и Баерн Минхен ќе се соочат во најинтересниот натпревар во Лигата на шампионите. Претставуваме пет клучни точки на кои треба да се обрне внимание во првите дуели на четвртфиналето оваа недела.

Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст


1. Европско „Класико“

Не е Барселона против Реал Мадрид – но Баерн Минхен и Реал Мадрид се познаваат подобро од било кои други два тима во натпреварот. Се имаат сретнато рекордни 28 пати. Мадрид има 13 победи, Баерн 11, а четири натпревари завршиле со нерешен исход.

Во историјата, овој дуел бил следен од напади на навивачи на судиите (1975/76), црвени картони поради физички пресметки на играчи (1987), како и некои од највозбудливите натпревари некогаш видени.

Баерн не го исфрлил Мадрид во нокаут фазата уште од сезоната 2011/12. Од тогаш, „Кралскиот клуб“ победи четири последователни пати, вклучувајќи го полуфиналето на патот до нивната рекордна 15-та титула во 2024 година. Сепак, оваа сезона Баерн изгледа моќно во домашното првенство – имаат постигнато 97 голови во 27 натпревари и се движат кон титулата во Бундеслигата под водство на Винсент Компани. Од друга страна, Реал влегува во овој натпревар по поразот од Мајорка (2-1) и заостануваат седум бодови зад Барселона во Ла Лига.

2. Ѓокерес се враќа на „место на злочинот“
Виктор Ѓокерес минатото лето се пресели од Спортинг во Арсенал во трансфер вреден 63,5 милиони евра. Швеѓанецот оваа недела се враќа во Лисабон, каде што доживеа играчки процут постигнувајќи 68 гола на 66 првенствени натпревари.

Иако беше определен како прва ѕвезда на Топџиите, Ѓокерес не беше секогаш сигурен во стартната постава на Микел Артета, ротирајќи со Хаверц и Жезус. Постигна четири гола во осум натпревари од Лигата на шампионите, но 11 голови во Премиер лигата можеби не се токму она што навивачите го очекуваа од напаѓачот кој „терорираше“ одбрани во Португалија. Сепак, по хет-трик против Украина и победничкиот гол против Полска за Шведска, Ѓокерес повторно е во врвна форма.

3. Слот и Ливерпул бараат одмазда

Беше очекувано дека Ливерпул оваа година ќе настојува силно да ја одбрани титулата (или да нападне кон нова) откако потрошија повеќе од 400 милиони фунти на засилувања како Александр Исак, Уго Екитике, Флоријан Вирц и Џереми Фримпонг.

Сепак, сезоната на тимот на Арне Слот не оди според планот. Моментално се петти на табелата, а минатиот викенд претрпеа тежок пораз од Манчестер сити (4-0) во ФА купот. Дуелот против ПСЖ, актуелниот шампион кој ги елиминираше минатата година на пенали, е одлична можност да ја спасат сезоната.

4. Шпанска пресметка
Атлетико и Барселона се единствените тимови од истата земја во оваа фаза на натпреварувањето. Се сретнале минатиот викенд во првенството, каде што Барса победи со 2-1. Тимот на Ханси Флик држи прво место на табелата со 76 бодови, додека Атлетико е четврти со заостанување од 19 бодови.

Барселона се потпира на напаѓачкиот потенцијал на 18-годишниот Ламин Јамал, ветеранот Роберт Левандовски и креативноста на Педри. Но, тимот на Симеоне покажа дека знае како да ги победи – во полуфиналето на Копа дел Реј ги декласираа со 4-0 во првиот натпревар. Напаѓачката закана на Атлетико доаѓа во форма на јануарското засилување Адемола Лукман и Аргентинецот Хулијан Алварез.

5. Жреб што ја подели Европа

По осминафиналето, една страна од ждебот изгледа значително потешка од другата.

Победникот од дуелот ПСЖ – Ливерпул ќе игра против подобриот од натпреварот Реал Мадрид – Баерн. Баерн е фаворит според формата, Реал според историјата, а ПСЖ како браниител на титулата. Тоа дефинитивно е „пеколна“ страна на ждебот.

Од другата страна, се очекува дека Арсенал би можел да го мине Спортинг и да се соочи со подобриот од дуелот Барселона и Атлетико. Арсенал никогаш не го освоил ова натпреварување (поразени од Барса во финалето 2006), но врз основа на лигашката форма и одличната одбрана, со право се сметаат за фаворити за поминување во финалето во Будимпешта од оваа страна на ждебот.

Во кој било случај, очекуваме фасцинантна завршница на најелитното клупско натпреварување во Европа.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Maкедонија има шампиони: Младите фудбалери на ФК Водно освоија два трофеи во Шпанија!

Фудбалската школа ФК Водно имаше импресивен викенд на меѓународниот турнир „Овиедо куп“, о…