
Селекторот на Бразил Карло Анчелоти беше осуден на една година затвор за даночна измама во Шпанија. Станува збор за даночните години 2014 и 2015 година, за време на неговиот прв престој како тренер на Реал Мадрид.
Тренерот беше обвинет за сокривање на околу еден милион евра приходи од неговите имидж права. Судот го осуди врз основа на обвиненијата за 2014 година, но го ослободи за 2015 година.
Вардар, Работнички, Силекс, Шкендија – Кој ќе блесне во Европа!? ↓↓↓
Најверојатно, сепак, Анчелоти нема да оди зад решетки, бидејќи во Шпанија е практика вакви осудителни пресуди под 2 години да не се излежаваат.
Судот одлучи дека граѓанската одговорност, што произлегува од пресудата, се додава на Шпанската даночна служба во износ од 386 361,93 евра.
Обвинителството веќе го имаше обвинето поранешниот тренер на Наполи и Реал Мадрид за сокривање на вкупно 1 062 079 евра за даночните периоди 2014 година (386 361 евра) и 2015 година (675 718 евра), за време на неговиот прв период како главен на шпанскиот клуб.
Според судски извори, наведени од EFE, 30-то одделение на Провинцискиот суд во Мадрид го осудило Анчелоти да плати казна од 386 361,93 евра, како и да биде лишен од можноста да прима јавни помоши или субвенции и од правото да користи даночни олеснувања или осигурувања во период од три години.
За време на судењето, одржано на 2 и 3 април во Мадрид, Анчелоти изјави дека никогаш не намеравал да ги измами даночните власти и дека постапувал според упатствата на клубот и неговите советници. Тој побара ослободителна пресуда, а во случај на осудителна – примена на смекнувачки околности, затоа што го исплатил долгот во декември 2021 година, како и поради неправилно одолговлекување на случајот.