
Претседателот на Италијанската фудбалска федерација (FIGC) Габриеле Гравина официјално поднесе оставка од оваа функција. Неговата одлука е последица на третото последователно пропуштено Светско првенство од националниот тим на Италија.
Гравина го потврди повлекувањето од функцијата за време на денешната итна средба на федералниот совет, која тој самиот ја свика во канцеларијата на FIGC во Рим. На овој начин ќе има претседателски избори во федерацијата на 22 јуни, иако последните беа во февруари 2025-та. 72-годишниот Италијанец ја презеде власта во федерацијата во 2018-та речиси со целосен консензус (97,2%), а на минатогодишните избори тоа беше уште поубедливо (98,7%). Пред три години, пак, беше избран и за потпретседател на УЕФА.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Засега, за негов наследник најмногу се споменуваат поранешниот претседател на Италијанскиот олимписки комитет и одговорен за организацијата на Милано-Кортина 2026 Џовани Малаго, како и некогашниот претседател на федерацијата и сегашен на локалната аматерска лига Џанкарло Абете. Минутите по повлекувањето на Гравина, својата оставка ја поднесе и одговорниот за националниот тим Џанлуиџи Буфон. Се очекува многу скоро тоа да го направи и селекторот на Италија Џенаро Гатузо.