
Барселона го победи Реал Мадрид со 4:3 во 35. коло од Ла Лига и застана на чекор до шпанската титула. Гостите поведоа со 0:2 на каталанскиот стадион, но домашниот состав со четири последователни гола го сврте резултатот до полувреме. Килијан Мбапе во второто полувреме го комплетираше хет-трикот и го врати Реал во игра, но клубот не успеа да издвои бод, па веќе во наредното коло би можел математички да остане без титулата првак.
Најголемата шанса за израмнувачки гол во 89. минута ја испушти Виктор Муњоз, што можете да го видите во приложеното видео од 19:05. Станува збор за 21-годишен шпански напаѓач на кој ова му беше деби за првиот тим на Реал, во кој пристигна пред четири години, а како дете играл за Барселона, каде што и е роден.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
Тренерот Карло Анчелоти го внесе во игра во 88. минута, а неколку моменти подоцна се најде сам пред голманот Војчех Шченсни по додавањето од Мбапе. Се намести за удар со десната нога, што му беше првиот допир со топката, а потоа шутираше и го промаши голот.
Муњоз по натпреварот ги блокираше коментарите на својот Инстаграм профил, каде што добиваше навреди од навивачите поради промашувањето со кое скоро се реши трката за титулата првак. Да завршеше Ел Класико со реми, Реал би имал заостанување од четири бода, а до крајот на сезоната остануваат три натпревари.
Муњоз оваа сезона постигна десет и асистираше на седум гола во 31 настап за резервниот тим на Реал, кој под водство на легендарниот напаѓач Раул се натпреварува во третиот ранг на шпанскиот фудбал.
Фото: Real Madrid C.F/X