
Легендата на британскиот бокс, Рики Хатон, почина на 46-годишна возраст откако беше пронајден во неговиот дом во Хајд, во поширокото подрачје на Манчестер. Полицијата објави дека смртта не се смета за сомнителна, пишува The Independent. “Вчера во 6:45 часот, граѓанин ги повика полицајците да дојдат на Bowlacre Road, Хајд, Теймсайд, каде што беше пронајдено телото на 46-годишен маж. Моментално не се смета дека има суспектни околности”, изјави портпаролот на полицијата.
Хатон, познат како еден од најобожуваните и најпопуларни британски боксери сите времиња, во текот на неговата богата кариера држел повеќе светски титули во лесна и велтер категорија. Ѕвездата која потекнува од Стокпорт беше прогласена за Борач на годината 2005 од страна на магазинот The Ring, а беше и примена во Меѓународната боксерска куќа на славните како дел од класата на 2024 година.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Првата светска титула ја освои во 2005 година, кога во легендарна борба го шокираше Костја Цју. Подоцна учествуваше во два од најголемите борби на 21. век за еден британски боксер, против Флојд Мејведер и Мани Пакјао. Иако ги изгуби двете борби, армијата на фанови го обожаваше за неговата храброст, стил полн со акција и приземна личност, патувајќи илјадници километри за да го гледаат.
По поразот со нокаут од Пакјао, Хатон се повлече од боксерскиот свет, но се врати три и пол години подоцна, во 2012 година, кога загуби од Вјачеслав Сенченко. Веста за неговата смрт пристигна само неколку месеци откако најави уште едно враќање во ринг, со борба планирана за декември.
Во минатото отворено зборуваше за своите битки со менталното здравје и зависноста од дроги, покажувајќи ранливост која го направи уште поблизок со јавноста.
Дали имате повеќе информации на темата или сакате да пријавите грешка во текстот