
Поранешниот напаѓач на Ливерпул Дарвин Нуњез (26) беше изоставен од составот на Ал-Хилал за саудиската лига откако во клубот се приклучи Карим Бензема (38). Саудискиот клуб, кој се стреми кон нова титула шампиони, ја донесе некогашната ѕвезда на Реал Мадрид за време на зимскиот трансфер период, по што во домашното првенство веќе немаше место за уругвајскиот интернационалец, известува Goal.com.
Нуњез пристигна на Блискиот исток во летото 2025 година за 46 милиони фунти (53 милиони евра) по три сезони на Енфилд, каде што на 143 натпревари за Ливерпул постигна 40 голови. Ливерпул го напушти како освојувач на англиското првенство и потпиша договор со профитабилни услови во Саудиска Арабија.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Според неофицијалниот сајт за плати на фудбалери, Capology, Нуњез во Ал-Хилал заработува речиси 26 милиони евра по сезона.
Сепак, приказната за 26-годишниот напаѓач брзо стана разочарување. Иако неговото пристигнување во Ал-Хилал беше проследено со големи очекувања, а во 23 натпревари постигна седум голови, неговото играње во продолжение на сезоната ќе биде значително ограничено.
Уругваецот беше изоставен од листата на играчи за Сауди Про Лигата затоа што клубовите во своите тимови од 25 играчи можат да регистрираат само осум странци родени пред 2003 година. Со доаѓањето на Бензема од Ал-Итихад, едно од тие места му припадна на добитникот на Златната топка.
Нуњез сè уште ќе може да игра во азиската Лига на шампионите, но натпреварите од домашното првенство ќе ги следи од трибините.