Тимот на МЗТ Скопје Аеродром ја извести јавноста дека останува доследен на својот став против одлуката на Кошаркарската федерација на Македонија да ја прекине сезоната 2019/2020 и во неа да нема шампион.
МЗТ испрати соопштение до Куќата на кошарката во кое си ги бараат парите уплатени од почетокот на сезоната до прекинот.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Соопштението на МЗТ ви го пренесуваме во целост:
“Правните застапници на нашиот клуб сметаат дека со одлуката за поништување на сезоната се оштетени нашата, но и сите други прволигашки екипи, на кои им е нанесена голема метеријална штета. МЗТ Скопје Аеродром до средината на март на сметка на КФМ уплати 1,06 милиони денари (нешто повеќе од 17.000 евра), кои бараме да ни бидат вратени од страна на Перо Антиќ и од неговите соработници и тоа во рок од – три дена.
Ако челниците на македонската кошарка во овој рок не ги уплатат на сметката на клубот парите кои ние им ги дадовме за да ја организираат Првата лига, а потоа и да ја завршат според личниот и според интересот на нивните коалициски партнери, тогаш ќе бидеме принудени да изготвиме и да поднесеме пријава за сторени кривични дела. Од Основното Јавно обвинителство ќе побараме да поведе постапка за кривичен прогон против овластеното лице на КФМ, односно против претседателот Перо Антиќ и тоа за кривично дело „Измама“, како и за кривично дело „Злоупотреба на службена должност“.
Ова е само наш прв конкретен чекор во најавената борба против раководството на КФМ, поради нивната лоша работа, непотизам и ставање на личните интереси пред доброто на македонската кошарка, што јавноста можеше да го види од небулозниот начин на кој ги истуркаа одлуките за поништување на кои уште од самиот старт инсистираа, без разлика на актите, процедурите и на последиците. Сѐ останато што споменавме во изминатиот период, меѓу што е и размислувањето дали ќе играме во Првата лига следната сезона и понатаму стои како опција, која би можеле да биде официјализирана на некоја од седниците на нашиот Борд на директори во периодот кој следува“, стои во соопштението на клубот од Аеродром.