
Сезонава не е на ниво, поразите се редат, а она што Ливерпул го демонстрира на теренот не одговара на статусот на скапа, искусна, шампионска екипа. Секој нов пораз е поттик за бран критики.
Во бројот на критики упатени до водечките играчи на Ливерпул оваа сезона води Вејн Руни кој на неговиот подкаст речиси секоја недела дава коментар за игрите на Мохамед Салах или Вирџил ван Дајк. Ова не е изненадувачко, бидејќи тоа сега му е професија.
Од лозје до чаша: Уметноста на виното со Теодор Бојаџиев | Уште еден поткаст
„Доколку бев на местото на Арне Слот, ќе се потрудев да донесам голема одлука, барем за да видам какво влијание би имала врз остатокот од тимот. Салах не придонесува дефанзивно за екипата.
Ако си еден од играчите кои пристигнаа ова лето, а седиш на клупата и го гледаш како не трча… Сепак, тој е легенда на клубот и секогаш треба да се има предвид сè што направил за клубот, но каква пораката испраќа кон засилувањата кои седат на клупата“, изјави Руни.
Во моментот, Ливерпул е на 11. место на табелата, со по шест победи и порази, и повеќе примени отколку постигнати голови.
„Минуваат низ тежок период. Треба да се земе предвид и трагедијата што го снајде Диого Жота. Каков ефект има тоа на играчите бидејќи изгубија соиграч и пријател. Сигурно тоа влијае на нив. Но, нема оправдување за неборбеноста и недостигот на напаѓање“, додаде тој.
„Мислам дека Слот го чека голема задача, мора да го поттикне тимот да игра и да победува. Важен е и фактот дека во ваква серија на резултати, името на Јирген Клоп се споменува сè почесто.
Тоа е како присуството на Алекс Фергусон. Пример, кога Дејвид Моес дојде на Манчестер Јунајтед, а потоа и Луј ван Гал – цело време се појавуваше името на Фергусон. Сега е така и со Слот, името на Клоп постојано ‘излегува’. Тој не е Јирген Клоп. Тој не е добар како Јирген Клоп. Но, мислам дека навивачите на Ливерпул едноставно треба да се помират со тоа и да го поддржат“, заклучи Руни.