
РОЈ КИН повторно жестоко ги критикуваше играчите на Манчестер Јунајтед, овој пат посебно критикувајќи го Расмус Хоjлунд по уште една бледа партија против Челси. Јунајтед беше поразен во последното лигашко коло пред финалето на Европската лига против Тотенхем, што го продолжи катастрофалниот низ – само два освоени бода од почетокот на април и пет порази во последните шест натпревари.
Тимот на Рубен Аморим падна на 16-то место во Премиерлигата, и сите надежи ги полага во финалето во Билбао, кое може да претставува единствен спас на сезоната.
Како еден од симболите на лошата сезона многумина го гледаат Расмус Хоjлунд, напаѓач кој пред две години беше платен 85 милиони евра, а оваа сезона во Премиер лигата постигна само четири гола во 31 настап. Рој Кин на Скај Спорт без задршка го искажа своето незадоволство.
“Немаат напаѓач. Хјолунд вечерва изгледа како оној клинец од Челси, Тајрик Џорџ. Како штотуку да излегол од академијата, игра како да е дете од фудбалско училиште. Неговите трчања, тајмингот, играта со грбот кон голот – сѐ беше наопаку”, рече Кин и додаде:
“Кога си напаѓач на Манчестер Јунајтед, мораш да создаваш нешто и сам. Големите клубови секогаш имаат напаѓачи кои и без совршена топка прават разлика – поради талент, искуство, фудбалска интелигенција. Кај Хјолунд тоа не го гледаме.”
На прашањето на водителот Дејв Џонс дали Хојлунд е подобар со поквалитетни соиграчи, Кин одмавна со раката: “Постојано му наоѓаме изговори. Јасно е дека му треба помош, но, боже мој, понекогаш едноставно мораш да бидеш подобар. Платен си 85 милиони евра.”