
До вчера никој не знаеше за него, а денеска сите го пребаруваат – Хефте Бетанкор е главната ѕвезда на Шпанија.
Овој 32-годишен напаѓач на Албасете влезе во игра во второто полувреме и со два гола го елиминираше Реал Мадрид од Купот на кралот. И, поради тоа, ова стана првата победа на Албасете против Реал во својата 86-годишна историја.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Централната фигура на оваа победа е Хефте Бетанкор, син на мигранти од Малезија, роден во Лас Палмас на 6 јули 1993 година.
Првите фудбалски чекори ги направил во Унион Вијера, потоа во Восиндарјо, а во 2011 година дури и го облекол дресот на – Реал Мадрид! Како 18-годишник дошол на проба и играл за Реал Мадрид на еден турнир, но не останал долго. Поправо, каде и да играл, не се задржувал долго, а до Албасете променил, верувале или не, дури 20 клуба!
Откако дебитираше за Еркулес, главно се движел по втората, а дури и по третата шпанска лига, играјќи за девет клуба, а од 2018 до 2021 во Австрија промени четири, во Романија и Грција по два, а меѓу нив беше и на Кипар, додека во Шпанија се врати летово во Албасете како напаѓач од втора лига и тоа како редовен резервист!
Но, да почнеме од почеток…
Првиот професионален ангажман му беше Еркулес, во сезоната 2011/12, каде што играше и за нивниот Б тим, па потоа се движеше низ бројни клубови низ Шпанија – Онтиниент, Тенерифе Б, Елденсе, пак Унион Вијера, Бадахоз, Лас Палмас Б, Арандина, Сан Фернандо, а потоа неочекувано отиде во – Австрија.
Во декември 2017 најпрво потпиша за Штадл-Пауера, потоа за СВ Матерсбург, за кој првпат настапи во првата лига, австриската Бундеслига. Значи, до сезоната 2018/19 тој беше напаѓач во втора лига.
Но, ни во Матерсбург не остана долго, затоа што замина на позајмица во Форвертс Штаер, потоа во Рид, а тука следеше нова авантура – во Романија.
По тригодишната авантура во Австрија каде играше за четири клуба, во Романија смени два – Фарул Констанца и ЦФР Клуж, но во 2023 година замина на позајмица во кипарскиот Пафос. Тоа беше погрешен правец, затоа што брзо се пресели во Грција, каде одлично се снајде. Во сезоната 2024/25 за Пансераикос постигна 18 гола на 30 натпревари, со што помогна клубот да остане во Суперлигата.
Тоа беше забележано од челниците на Олимпијакос, кои го доведоа во својот тим, но го оставија на позајмица во Пансераикос. Сепак, не доби шанса на почетокот на новата сезона и минатото лето одлучи да се врати во Шпанија. Албасете го доведе на позајмица на една година и денес тој е апсолутен херој на овој клуб.
Иако не доби многу шанси оваа сезона, главно настапувајќи од клупата, до натпреварот со Реал постигна вкупно пет гола од август до вчера. Сепак, половина час на теренот против Реал Мадрид беше доволно за неговото име да биде запишано со златни букви во историјата на Албасете.
Како што се очекуваше, тој беше оној кој изјави за медиумите по победата над Реал и тогаш призна дека пред неколку години размислувал да се повлече од фудбалот.
“Ова е најубавото нешто што ми се случи во текот на кариерата. За ова сонував како мал. Ова е за мојот тим, кој работеше неуморно. Оваа победа му ја посветувам на моето семејство кое толку многу го сакам. Пред девет години бев блиску до напуштање на фудбалот и до пензионирање. Денес мојот најголем сон се оствари. Беше многу тешко, но дадовме се од себе и заслуживме победа”, рече Бетанкор.