
Англискиот фудбалски репрезентативец и поранешен капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, потпиша двегодишен договор со Брентфорд, соопшти денеска клубот од Премиер лигата.
Триесет и петгодишниот играч за врска доаѓа како слободен играч, по раскинувањето на соработката со холандскиот Ајакс.
Вардар сигурен, Шкендија има шанси, Силекс и Работнички тешко! ↓↓↓
Хендерсон претходно помина 12 години во Ливерпул, со кој освои Премиер лига, Лига на шампиони, ФА Куп, два Лига купа, Комјунити Шилд, Суперкуп на Европа и Светско клупско првенство.
Во јули 2023 година премина во саудискиот Ал-Етифак, кој го водеше неговиот поранешен соиграч од Ливерпул, Стивен Џерард, но по само шест месеци спогодбено го раскина договорот и на почетокот на 2024 година премина во Ајакс. Минатата недела, Хендерсон и Ајакс договорија предвремен раскин на соработката, една година пред истекот на договорот.
Новиот селектор на Англија, Томас Тухел, го врати во националниот тим во март оваа година, откако не играше за репрезентацијата од ноември 2023 година. Хендерсон има 84 настапи за Англија и играл на три Светски и три Европски првенства.
За придонесот кон фудбалот и хуманитарната работа, одликуван е со титулата MBE (Член на Редот на Британската империја) во 2021 година.
Фотографија: Принтскрин