
Мароканскиот репрезентативец и десен бек на ПСЖ, Ашраф Хакими (26), за првпат јавно се огласи за обвиненијата за силување кои беа покренати против него во 2023 година.
Во интервју за францускиот Canal+, Хакими цврсто ги отфрли сите обвиненија против него.
ТОП 11 МАКЕДОНСКИ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ - *Football Edition*
“Сигурен сум дека обвиненијата се измислица. Знам кој сум, знам дека не сум сторил ништо и дека никогаш не би направил такво дело. Во секој момент бев достапен за полицијата и дури ги молев да разговараат со мене. Земаа и моја ДНК. За разлика од лицето што ме обвини, јас секогаш бев на располагање” изјави Хакими.
Тој додаде дека целата ситуација е особено болна за неговото семејство:
“Никогаш порано не сум доживеал нешто слично. Ми е тешко, а на моите им е уште потешко. Лажните написи повредуваат, најмногу моето семејство. Моите деца се уште се мали и не знаат да читаат, но еден ден ќе видат што се пишувало за нивниот татко. Тоа е болно и тоа не би го посакал никому,” беше искрен Хакими.
Хакими нагласи дека овие настани многу го промениле неговиот живот.
“Кругот на моите пријатели е сега толку мал што речиси никој повеќе не влегува во него,” изјави најдобриот десен бек во светот.
Да потсетиме, обвиненијата за наводно силување потекнуваат од февруари 2023 година, кога 24-годишна жена тврдеше дека Хакими ја натерал на сексуален однос во неговиот дом во париското предградие Булоњ-Бијанкур. Истата вечер случајот го пријавила во полицијата, иако на почетокот не поднела официјална тужба.
Француската полиција отвори истрага, а во август 2025 година обвинителството побара Хакими да биде суден. Во случај на осудувачка пресуда, му се заканува казна до 15 години затвор. Неговиот адвокатски тим веќе најави дека ќе ги искористи сите правни средства за неговата одбрана.