
ФИФА разгледува можност за промена на форматот на Светското клупско првенство кое би се одржувало секои две години почнувајќи од 2029 година. Овој потег може дополнително да го оптовари меѓународниот календар и да предизвика нови несогласувања од страна на европските лиги и здруженија.
Со скратување на циклусот, се разгледува и можноста за проширување на турнирот на 48 клуба со поголем број на места за Европа. Дополнителен стимул за големите клубови би бил значителниот приход од фондот за награди.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Планот наидува на отпор во дел од фудбалската индустрија. Премиер лигата заедно со синдикатот на играчите FIFPro поднесе жалба до Европската комисија поради наводна злоупотреба на доминантната позиција и недостиг на консултации околу распоредот на натпреварите.
“Лигите и играчите воопшто не беа консултирани за времето и распоредот на натпреварите. Очигледно е дека тоа директно влијае на распоредот на сезоната на Премиер лигата, тоа е јасно. Бараме место на масата, вистинска дебата”, изјави Ричард Мастерс, извршен директор на Премиер лигата.
За да се олесни календарот, во ФИФА размислуваат за укинување на јунските термини за репрезентативни натпревари во непарни години, што би имало директно влијание на завршницата на Лигата на нациите. За следните изданија ќе се спроведе формална постапка за избор на домаќин, а интерес покажаа Катар, Шпанија и Мароко.