
Александар Исак, шведскиот напаѓач и една од најголемите ѕвезди на Њукасл Јунајтед, е во фокусот на британската јавност откако ги отфрли новите услови на клубот, побара заминување и моментално тренира одделно од екипата.
Исак пристигна во Њукасл од Реал Сосиедад во 2022 година за речиси 70 милиони евра и досега има постигнато 62 гола и запиша 11 асистенции за трите сезони во клубот. Неговиот договор важи до летото 2028 година, а годишно заработува 7 милиони евра.
Ултиматум на Исак: 18 милиони годишно или трансфер
Дејан Димовски: Скопје троши 700 литри вода дневно по жител | Уште еден поткаст ↓↓↓
Според информации на британските медиуми, Њукасл му понудил на Швеѓанецот нов и значително подобар договор, но Исак побара дури 18 милиони евра по сезона. Управата на клубот го одби ова барање, а Исак за возврат побара да му се овозможи истражување на опции на пазарот.
Поради тоа, тој не отпатува со тимот на азиската турнеја, туку се одлучи за индивидуални тренинзи во Шпанија, во неговиот поранешен клуб Реал Сосиедад.
Хау јасен: Мора да го заслужи своето враќање во тимот
Менаџерот Еди Хау испрати јасна порака до играчот:
“Ние сме Њукасл и очекуваме професионализам. Ако некој не ги почитува своите обврски, тој не може само така лесно да се врати во екипата. Исак мора да го заслужи своето место меѓу своите соиграчи.”
Иако неговото враќање во тимот беше планирано за понеделник, раководството на клубот сè уште не му даде зелено светло за враќање на заедничките тренинзи.
Ливерпул испрати понуда – Њукасл ја одби
Во меѓувреме, Ливерпул се обиде да ја искористи ситуацијата и испрати понуда вредна 125 милиони евра плус бонуси, но Њукасл ја одби. Клубот од Сент Џејмс Парк смета дека Исак вреди меѓу 150 и 170 милиони евра и засега не ја разгледува неговата продажба.
Медиумите на Островот пренесуваат дека Ливерпул не планира да ја зголемува понудата, што значи дека Исак најверојатно ќе остане член на Њукасл – иако во моментот не е во прв план.