
ФИФА е под голем притисок, а причината е репрезентацијата на Иран. Поради тековните конфликти на Блискиот Исток, Иран сѐ уште не е одлучен дали ќе настапи на Светското првенство чијшто домаќини се САД, Канада и Мексико.
Иранците прво рекоа дека нема да дојдат, а подоцна Фудбалската федерација се огласи и изјави дека ќе учествуваат. Меѓутоа, на адреса на ФИФА сѐ уште не стигнало ништо официјално, пренесуваат светските медиуми.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Иранците имаат рок до 13 мај да се изјаснат со официјално соопштение за учеството, а тоа е рокот кога сите репрезентации кои учествуваат мораат да достават до ФИФА прелиминарен список од најмногу 55 фудбалери.
Во случај Иран сепак да не настапи, ФИФА ќе биде во голем проблем, а веќе се шпекулира за можната пополнување на групата каде што се Белгија, Египет и Нов Зеланд.
Како што пренесува “The Athletic”, ФИФА разгледува опција за нов бараж натпревар, ако Иранците се откажат од Светското првенство.
Тој бараж би се играл од 30 мај до 5 јуни, а домаќин најверојатно ќе биде Лос Анџелес.
Во тој бараж би учествувале шест селекции, односно најдобрите селекции според пласманот од секоја зона кои не изборија бараж.
Со оглед на тоа што Европа во финалето на баражот имаше четири поразени селекции, место би заземала најдобро рангираната поразена селекција, а во конкуренција на Италија, Данска, Полска и Косово, тоа е селекцијата на Италија.
Значи, иако поразени од Босна, Италијанците би можеле да добијат шанса за “поправен тест”.