
Откако минатата година неочекувано испаднаа во втората рунда на плеј-офот, Денвер Нагетс донесоа храбра одлука – да го вклучат еден од најпрепознатливите плејмејкери во историјата на НБА лигата. Иако неговите златни години се зад него, Расел Вестбрук (36) покажа со својот настап во Денвер дека сѐ уште може да биде клучен фактор, како на теренот, така и надвор од него.
Во првата сезона за Денвер, тој имаше просек од 13.3 поени, 4.9 скокови, 6.1 асистенција и 1.4 украдени топки. Сепак, неговата вистинска вредност се гледа во енергијата, искуството и лидерскиот дух што го внесува во тимот.
Време е за спектакл: Македонија - Белгија! ↓↓↓
Поранешниот МВП од 2017 година и идниот член на Куќата на славните, Вестбрук, полека се приближува кон крајот на својата славна кариера. Иако многумина очекуваа дека ќе ја заврши во НБА, сега постојат гласини за негов преселување во Европа.
Според информации од српскиот кошаркарски новинар Немања Зориќ, израелскиот клуб Хапоел Тел Авив стапил во контакт со Вестбрук и планира да му понуди договор што би можел да ги промени правилата на игра во европската кошарка.
“Хапоел Тел Авив го контактирал поранешниот НБА Ол-Стар играч Расел Вестбрук. Слушам дека планираат да му предложат договор со плата каква досега не се видела на европската сцена”, изјави Зориќ, а ја пренесоа многу светски медиуми.
Хапоел, актуелниот шампион на Еврокупот, веќе има искуство со поранешни НБА ѕвезди – последниот од нив беше Патрик Беверли, кој кратко играше за израелскиот тим пред да се разделат по спогодба.
Фото: Denver Nuggets/X