
Иако зад себе има бројни значајни натпревари во дресот на Македонија, капитенот Енис Барди смета дека најголемиот предизвик допрва претстои. Утрешниот судир со Данска во Копенхаген може да биде клучен за патот кон Светското првенство, со оглед на тоа што победникот ќе продолжи кон финалната пречка – дуел со Чешка или Република Ирска.
И покрај солидните резултати во изминатиот период и само еден пораз во официјалните натпревари во 2025 година, јасно е дека македонската селекција мора да помине низ тежок тест на „Паркен“ за да остане во игра за мундијалски пласман.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
На прес-конференцијата, Барди нагласи дека тимот темелно го анализирал противникот и подготвен го очекува предизвикот.
„Добро ги знаеме квалитетите, но и слабостите на Данска. Работевме детално, разговаравме како да им ги неутрализираме најсилните страни и верувам дека сме подготвени. Поразот во Кардиф ни беше лекција – извлековме поуки и знаеме колку значи овој натпревар за нас,“ изјави капитенот.
Тој се осврна и на атмосферата во соблекувалната, потенцирајќи дека новите имиња брзо се вклопиле во тимот.
„Нема никакви проблеми со адаптацијата, сите се прифатени како дел од семејството. Особено би го издвоил Херера, кој одлично се снаоѓа и комуникацијата му е лесна бидејќи зборува македонски. Таа сплотеност ни дава дополнителна сила,“ додаде Барди.
Капитенот потенцира дека искуството покажало дека Македонија најдобро функционира кога е потценета, нешто што повторно е случај пред дуелот со Данците.
„Во многу вакви натпревари сме биле во втор план, но тоа знае да ни биде мотив плус. На терен ќе покажеме што можеме. Веруваме во себе и во квалитетот што го поседуваме,“ порача тој.
Посебно ја истакна и улогата на Елиф Елмас, кој со своето искуство дополнително помага во подготовката, вклучително и со совети како да се сопре опасниот Расмус Хојлунд.
Иако трибините на „Паркен“ нема да бидат исполнети со македонски навивачи, поддршката нема да изостане. Повеќе од илјада фанови ќе бидат на стадионот, а, како што вели Барди, зад тимот стои цела нација.
„Секогаш ја чувствуваме поддршката, без разлика каде играме. Жал ни е што нема да има повеќе наши навивачи, но знаеме дека Македонија е со нас,“ заврши капитенот.