
Можеби во Арсенал моментално жалат што во минатиот зимски преоден рок не го засилија тимот за вториот дел од сезоната. Можеби се прашуваат што би било ако тогаш ангажирале напаѓач и на пример крило, односно дали би успеале да се натпреваруваат со Ливерпул до крајот на сезоната во Премиер лигата, или пак денес би се нарекувале финалисти на Лигата на шампионите.
Како и да е, и како што зборуваше и Микел Артета, Арсенал не сакаше да ангажира играчи по секоја цена, не сакаше да троши пари и да го оптоварува играчкиот состав со фудбалери чиј квалитет не може во значајна мера да го подигне квалитетот на целиот тим. Но, како што се приближува летото, Топџиите се подготвени да целат високо, а според информациите на Sky Sport, управата на клубот на шпанскиот стручњак му подготви најмалку 120.000.000 евра за купување на напаѓач и играч за врска. Толкав би требало да биде буџетот на Арсенал за засилувања плус тоа што клубот ќе го оствари од продажби.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
Лондонскиот клуб се наоѓа во релативно поволна позиција бидејќи не му се закануваат ограничувања наметнати со правилата за профитабилност и одржливост на Премиер лигата. Навивачите можат да бидат прилично оптимистични поради имињата на фудбалерите кои Топџиите планираат да ги привлечат на Емирејтс.
Во Арсенал се уверени во трансферот на Мартин Субименди од Реал Сосиедад, на кого по завршувањето на сезоната ќе му биде активна клаузула за излез во висина од 60.000.000 евра. Пред почетокот на минатата сезона шпанскиот играч за врска го одбил Ливерпул за да остане во Сан Себастијан, но ситуацијата би требало да се промени ова лето.
Англискиот великан со новиот спортски директор Андреа Берта конечно ќе започне со ангажирање врвен напаѓач, а првиот избор е секако Виктор Џекереш, иако на Топџиите им е интересен и Лајпциговиот Бенџамин Шешко. На насловната страница на португалскиот A Bola централна тема беше токму шведскиот бомбардер. Веродостојниот португалски весник тврди дека Арсенал е подготвен да му понуди нето плата од 8.300.000 евра по сезона на моментално водечкиот во трката за Златната копачка на Европа.
Меѓутоа, Топџиите нема да се ограничат само на двајца фудбалери. Не е исклучено да освежат и една од крилните позиции, односно да се обезбеди поддршка за стоперскиот двоец Габриел Магалаеш и Вилијам Салиба. Главната цел е високото момче од Борнмут Дин Хујсен. Борнмут бара обештетувањето од 60.000.000 евра да биде исплатено во три рати во рок од 18 месеци, а првата рата да биде точно половина од износот. За Шпанецот роден во Холандија, освен Арсенал, заинтересирани се и Ливерпул и Реал Мадрид.
Да не заборавиме дека за повеќе од пет години на кормилото на Арсенал Артета за засилувања потрошил 791.000.000 евра (скоро 72.000.000 по преоден рок), односно од продажба заработил 227.000.000. Му се забележува на Шпанецот дека за пет сезони донел само пехари од ФА Купот и Комјунити Шилд, но газдите на Арсенал сè уште имаат доверба бидејќи Баскиецот постави здрави темели на Емирејтс и речиси секоја сезона го придвижува Арсенал напред.