Манчестер јунајтед се врати на победничките патеки во градското дерби и тоа на гости на „Етихад“, а конечниот резултат беше 2:1 за тимот на Рубен Аморим.
Голот на Јошко Гвардиол со кој Манчестер сити поведе, беше „поништен“ со пеналот на Бруно Фернандез, додека голот за победа на Манчестер јунајтед го постигна Амад Дијало во 90. минута.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Интересно е што на списокот за овој меч не беа две големи ѕвезди на Манчестер јунајтед, а станува збор за Маркус Рашфорд и Алехандро Гарначо кои Рубен Аморим ги оставил дома.
Иако тоа стана официјално кога беше објавен составот на Манчестер јунајтед, таа информација се појави во јавност неколку часови порано на социјалната мрежа „X“.
По натпреварот за тоа зборуваше Аморим кој му се обрати на „кртот“, но и јасно рече дека такви работи е невозможно да се спречат.
„Знам за таа приказна. Не знам што да ви кажам. Мислам дека во ова време тоа е невозможно да се спречи затоа што медиумите имаат многу луѓе во клубовите, а и играчите разговараат со агентите.
Не знам, можете да зборувате со пријателите, така што е тешко да се открие кртот. Тоа не е добра работа, но наше е да одиме понатаму и да гледаме кон следниот натпревар и да видиме дали ќе ја откријат поставата за следниот натпревар”, рече Аморим.