
Позицијата на тренерот на фудбалерите на Јувентус, Тиаго Мота, станува се понесигурна, кој на почетокот на актуелната сезона ја напушти Болоња и дојде во торинскиот клуб. Иако пред неколку дена челниците на Јувентус истакнаа дека ситуацијата со Мота е стабилна и дека клубот верува во него, многу италијански медиуми пишуваат дека е многу спорно колку во тоа има вистина.
Сѐ дополнително беше поттикнато од домашниот четвртфинален пораз на Јувентус во италијанскиот куп од Емполи. Јувентус не блескаше ниту порано во сезоната, па во Лигата на шампионите испадна од ПСВ во плејофот, додека во првенството моментално се наоѓа на четвртото место. Има најмалку порази во Серија А, само еден, но Јувентус одигра рекордни, дури 13 нерешени натпревари.
Се решава титулата во Серија А! Интер или Наполи!? ↓↓↓
Договорот на Мота со Јувентус завршува во јуни 2027 година, а Ла Газета дело Спорт и Тутоспорт наведуваат дека веќе постојат четири негови потенцијални замени. “Сонот на Јувентус” е Антонио Конте, пишуваат медиумите, кој работеше во клубот како тренер од 2011 до 2014 година. Меѓутоа, моментално Конте е во Наполи, каде што се бори со Интер и Аталанта за титулата.
Следната желба на Јувентус е токму тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини, а меѓу четворицата споменати се уште Роберто Манчини, некогашен селектор на Италија, и хрватскиот тренер Игор Тудор.
Голем дел од играчката кариера, Тудор ја помина во Јувентус, каде што беше од 1998 до 2007 година. Во летото 2020, дојде во Јувентус и беше помошен тренер на Андреја Пирло, но тој штаб издржа до крајот на таа сезона. Во Италија, 46-годишниот Тудор како тренер двапати го водеше Удинезе, потоа Верона, а како последна работа работеше во римската Лацио во текот на изминатата година.