
Панатинаикос го претрпе првиот пораз сезонава, откако на домашен терен во ОАКА беше совладан од Хапоел Тел Авив со 81:91.
По натпреварот, тренерот Жељко Обрадовиќ јасно посочи дека причината за неуспехот ја гледа пред сè во офанзивниот дел од играта.
„Во второто полувреме бевме подобри во одбраната и успеавме да го смениме ритамот на натпреварот. Но, во нападот не носевме добри одлуки. Хапоел Тел Авив е искусен тим, знаат како треба да играат. Им честитам, заслужено победија.“
Српскиот стратег потоа нагласи дека деталите на двете страни од теренот прават разлика.
„Ќе повторам: за да трчате на отворен терен и да дојдете до лесни поени, прво мора да играте одбрана. Во недела во 13:00 играме со Перистери. Сега веќе е по полноќ, па сами проценете во колку часот играчите ќе заспијат.“
Обрадовиќ откри и дека нема веднаш да прави детална анализа на овој меч со своите кошаркари, бидејќи фокусот веднаш се префрла на следната обврска.
„Нема да разговарам со играчите за овој натпревар. Тие се паметни момци и знаат што треба да направат. За овој меч ќе зборуваме следната недела. Утре ќе зборуваме за Перистери, потоа имаме еден слободен ден. По тренингот во вторник повторно ќе се навратиме на овој натпревар и ќе видиме што го реши резултатот. Мислам дека тоа е најлогичниот редослед.“
На прашањето зошто во завршницата не го користел Герсон Јабуселе на центарската позиција, Обрадовиќ објасни дека причината била комбинација од проблеми со лични грешки и неговата улога во тимот.
„Поради проблемите со фаули. Освен тоа, Јабуселе нема многу минути на позицијата ‘петка’, па затоа кога и да имаме можност го користиме како ‘четворка’. Во жарот на натпреварот не е лесно веднаш да сфати што точно сакаме да играме во напад. Затоа се решивме за таков избор.“