Македонија загуби од Бугарија во последниот меч од групата во Лигата на Нации и заврши на третото место зад Грузија која заврши како убедлив лидер и зад Бугарија која со победата во Скопје не прескокна и заврши на второто место. Македонија единствено заврши пред аматерската селекција на Гибралтар.
А Македонија во групата влезе како главен фаворит, веднаш по настапот на ЕУРО и веднаш по баражите за пласман на Мундијалот во Катар, каде стигнавме во финалето, елиминирајќи ја Италија во полуфиналето.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Еуфоријата околу репрезентацијата беше на високо ниво, атмосферата во тимот исто така, па се чинеше дека фаворитската улога која ни ја препуштија во оваа група е сосема оправдана. Постоеше моментум кој мораше да се искористи и навистина е штета што Македонија не го искористи тоа. Ако одиме натпревар по натпревар, има многу за анализа, од грешки на фудбалерите, до грешки на селекторот, несреќни моменти и што уште не. Но кога ќе се погледне широката слика, тешко е да се најде главниот “виновник” за разочарувачкиот настап во Лигата на Нации.
Некои го споменуваат тешкиот распоред од четири натпревари во Јуни, но тоа како причина веднаш го елиминираме – распоредот беше ист за сите – некои го искористија тоа во своја полза, некој не. Да почнеме со ред.
Постојано некомплетни и со проблеми околу составот
Како главна причина за овој пласман, нема дилема дека е некомплетниот состав. Тука акцент ставаме на Адеми и Ристовски кои не одиграа ниту еден натпревар во Лигата на Нации поради повреди. А тие двајца како едни од најискусните во овој состав на Милевски, требаше да бидат движечка сила и патоказ за помладите.
Без Адеми, фали вистински борец во средината. Ако се обидовме во првите четири натпревари со Николов како негова замена, сега на последните два меча ниту тој не беше во составот бидејќи не е физички подготвен. Од друга страна, капитенот Ристовски очигледно е незаменлив на десната бековска позиција. Алтернативните решенија со Ашковски одвреме навреме поминуваа, но во офанзивна смисла, во дефанзивна не. На Тодоровски како второ решение на таа позиција очигледно дека му фали искуство и силни натпревари позади себе, а тоа најдобро се виде по црвениот картон против Бугарија.
Сега со Грузија во Тбилиси и со Бугарија во Скопје фалеше и Чурлинов кој е повреден, но и Трајковски кој имаше здравствени проблеми и не беше целосно спремен за настап.
И повторно не изгледавме лошо на терен, на ниту еден од овие шест меча. Статистички гледано, не бевме надиграни од ниту една селекција, па ниту од Грузија која а два пати славеше со 0:3 и 2:0. Но попусто играме фудбал и статистички сме подобри, кога не постигнуваме голови.
Реализацијата целосно затаи
Од седумте гола, шест ги постигнавме против Гибралтар во победите од 4:0 и 0:2. Седмиот гол го дадовме во Бугарија во ремито 1:1. На останатите три меча – два со Грузија и овој послендиот со Бугарија не успеавме да се радуваме на гол.
Затоа како еден од главните проблеми дефинитивно е реализацијата. Миовски е одличен во Абердин и веќе е миленик на навивачите во Шкотска, но тешко доаѓа до шанса во репрезентацијата. Даде само еден гол во овие шест меча. Еден гол даде и Милан Ристовски и тоа беше се од нашите напаѓачи. За разлика од предходно, Трајковски го немаше во овие натпревари кога во прашање се головите, па ниту останатите офанзивци како Доријан Бабунски. Чурлинов и Николов имаат по еден гол, додека најдобар стрелец за нас во Лигата на Нации беше Барди.
Кога напаѓачите мируваат, а игра има, шанси има, тогаш тоа е еден од најголемите проблеми во селекцијата. Миовски и Ристовски дефинитивно поседуваат квалитет, но мора да поработат на психо-физички план. Само така ќе успеат да ги пресликаат настапите од своите тимови, во репрезентацијата, а тоа и е повеќе од потребно на Македонија во моментов.
Слаба минутажа и недоволна подготвеност
Можеби вина за овој пласман во Лигата на Нации има и физичката подготвеност на фудбалерите. На прсти се бројат оние кои играат стандардно во своите тимови. Столе е стандарден и незаменлив во Рајо, а во одбраната Муслиу игра но во третата лига на Германија, Велкосвки немаше клуб до пред десетина дена, а Зајков промени еден куп екипи и кога игра-кога не игра. Кире Ристевски сеуште немам клуб. Алиоски е еден од најстандардните во одбраната.
Во средината Елмас во моментов има епизодна улога во Наполи, Спировски ги пропушти подготовките за новата сезона и има смао три настапи за својот нов клуб Пјуник. Николов одмараше цело лето, пред да потпише за Стеауа кадо го очекува својот прв настап. Ашковски има само три настапи по 30-тина минути за својот нов тим во Грција, Ламиа. Истото се однесува и за останатите во селекцијата.
Но од друга страна, Миовски и Ристовски за кои доволно напишавме, се меѓу најстандардните во своите тимови, но тоа пак не беше доволно за да одиграат на повисоко ниво во репрезентацијата.
Милевски се бори, но мора подобро
Селекторот промени доста фудбалери во овие шест меча, а имаше и неколку дебитанти. Милевски постојано напоменуваше дека главна цел се квалификациите за пласман на ЕУРО 2024, но тоа не смее да биде алиби. Ова не беа пријателски натпревари, каде треба да се спремаш за нешто што следи. Ова беа натпревари каде што требаше да се билда рејтингот, за да не стравуваме до крајот од кој шешир ќе ги дочекаме квалификациите. Некои од фудбалерите кои добија шанса оставија солиден впечаток, некои не, но селекторот има сега еден доста широк ростер и список на фудбалери.
Милевски имаше доволно кредити, особено затоа што важи за еден од креаторите на оваа селекција, уште во годините кога ги водеше поголемиот дел од овие фудбалери на младинското Европско првенство. Но кредитите се трошат и имаат лимит. Покрај сите проблеми, тој сепак успеа да ги надигра противниците – но тоа е само статистика – се бројат победите.
Веројатно треба промени и нема сомнеж дека тој ќе ги направи, но од сегашна гледна точка тешко е да се каже дали тоа ќе биде доволно во квалификациите, кога целта е биде јасна – пласман на ЕУРО 2024.