Брест Мешков и Вардар ги поделија бодовите, во дербито на СЕХА-лигата. Во еден интересен и неизвесен натпревар, на крајот по еден бод за двете екипи, иако имаше сомнителни судиски одлуки на “штета“ на Вардар.
Екипата на Брест Мешков во најголем дел од првото полувреме имаше предност, која најмногу достигна три гола разлика. Голманот на домашниот тим, Иван Пешиќ беше главниот “виновник“ што неговата екипа беше во позитива. Имаа во неколку наврати водство од три гола ( 5:2, 6:3 и 8:5), а Вардар пропушти неколку зицери во моменти кога можевме да го израмниме резултатот или да намалиме на два гола. Такви беа ударите на Кањелас и два на Дибиров од својата позиција, кои Пешиќ успешно ги бранеше. Сепак избраниците на Раул Гонзалез не им дозволија на белорусите да се одлепат на поголема разлика, дури направивме и резултатски пресврт, кога на три минути пред крајот на првото полувреме вардарци имаат водство од 10:11, кога погоди Македа. Штербик на вардаровиот гол имаше четири успешни интервенции, а во нападот започнавме се почесто да реализираме. Имаа шанса и двете екипи на одмор да заминат со предност, но не искористија по еден напад, за на полувреме резултатот да биде нерешен 12:12.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Гледавме израмнет натпревар и во второто полувреме, а противникот имаше водство од 16:14 и 18:16, но ние преку Дибиров и со првиот гол на Кристопанс повторно го израмнуваме резултатот на 18:18. Секогаш кога домашниот тим ќе се одлепеше на два гола разлика, Вардар експресно враќаше со мини серија и носеше израмнување. Поранешниот играч на белорусите, сегашен член на нашиот шампион, Кристопанс постигна трет гол и ја продолжи неизвесноста на овој меч. Дибиров после пет обиди, промаши удар од седум метри, додека Кристопанс ја погоди стативата од голот на Пешиќ, што беше причина домаќинот да стигне до нови два гола разлика, во моменти кога се “кршеше“ резултатот. Штербик со својата осма одбрана дава надеж дена може да останеме непоразени од ова гостување. Каква неправда од судиската двојка, која не покажува на удар од седум метри, откако Дибиров беше повлечен за дрес, при обид да посигне гол. Сепак Циндриќ казнува и носи израмнување на 24:24, на 80 секунди пред крајот. Штербик има голема заслуга за пресвртот, со оглед дека одбрани два напади на противникот во моменти кога имаа водство. До крајот по еден гол на двете страни, за конечни 25:25, иако судиите не го запреа времето и не дозволија повеќе од една секунда Вардар да има можност да постигне гол за победа.
Дибиров беше најефикасен со 8 голови, додека по 3 додадоа Циндриќ, Македа и Кристопанс. Штербик одличен на голот со 11 одбрани.