Пишува: Стефан Даскалов
За Македонија заврши и овој репрезентативен циклус во кој одигравме еден натпревар во квалификациите за Европското првенство 2024 против Малта и еден пријателски против Фарски Острови.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Два противници против кои бевме фаворити, запишавме две победи, но не бевме така убедливи и тоа е она што јавноста ја загрижува, па затоа и селекторот Благоја Милевски доби одредени критики, иако тој вели дека е задоволен и тимот се повеќе наликува онака како што сака тој да изгледа.
Против Малта која во составот имаше само четворица фудбалери кои не играат нивното домашно првенство цели 60 минути немавме удар во рамките од голот. Тогаш Барди од работ на шеснаесетникот го упати првиот шут, претходно ја имавме топката, но сериозните прилики изостануваа.
Конечно, отпорот го скрши Елмас по асистенција на Миовски во 66-тата со само нашиот втор удар во рамките од голот. Набрзо следуваше и голот на Дарко Чурлинов кој одлично пронајде простор покрај својот чувар и ја смести топката во мрежата.
Иако стартувавме со многу промени во составот слична беше нашата игра и вчера против Фарски Острови. Натпреварот против Малта го завршивме со четири удари во рамките од голот, ист беше случајот и со Фарски Остров.
Миовски кој влезе во вториот дел го одлучи натпреварот со голот во 81-та минута.
Милевски по вчерашниот натпревар изјави дека енергијата и желбата, посебно против Фарски Острови била тоа од што најмногу бил задоволен, нека биде така, но барем според мене има и уште нешто, можеби поважно.
Се будат можеби лидерите од новата генерација…
Во овој момент Македонија нема класичен напаѓач кој повеќе ветува од Миовски и веројатно од него треба да очекуваме да биде лидерот на нашиот напад во иднина. Во добра форма игра и Валон Етеми, но сепак Миовски во овој момент некако повеќе се истакнува и добрата форма успеа да ја пренесе во репрезентацијата.
Милан Ристовски засега како да е во сенка, а на Трајковски и Несторовски полека им минува времето. Штета беше што Дориан Бабунски не го видовме на овој собир поради повреда.
Чурлинов долго време беше повреден и на овој собир дојде со мала минутажа во Барнли, но не разочара и во минутите кои беше на теренот одигра сосема солидно.
Елмас веќе долго време се наметнува како нов лидер на оваа генерација, а во фантастичниот Наполи сезонава редовно влегува од клупата во последните 20-30 минути и најчесто остава добар впечаток. Со Малта и ќе беше потешко ако тој не го скршеше отпорот во таа 66-тата минута. Против Малта во првото полувреме имаше Елмас и две-три ситуации во кои премногу „солираше“ и требаше порано да завршува, а затоа беше свесен истакнувајќи го на прес-конференцијата пред натпреварот со Фарски Острови
Како и да е, треба да бидеме задоволни од доброто издание и головите на овие тројца, а се надеваме дека во иднина и останатите ќе бидат на високо ниво затоа што и се потребни на Македонија.