Валбжих, Варна, Гентофте, Скопје, Струмица, сега Будимпешта. Откако влегоа во евролигашкото друштво, македонските одбојкари не пропуштија дефиле на завршен турнир.
Годинава не е исклучок иако сите посакуваат крајот да биде поинаков и конечно на градите да засјае златниот медал. Четирите сребра се гордост, исто како и бронзата во Европската лига во 2014-та кога се играше во поинаков формат, но вистинска најава за наредната европска одбојкарска година кај нас, би бил токму триумф во Будимпешта.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
За остварена мечта којашто речиси цела денценија ги бранува чувствата на црвено-жолтите, утре во полуфиналето треба да падне Финска, а в недела подобриот од натпреварот меѓу домаќинот Унгарија и Романија.
Македонија има незаборавна победа против Естонија во полуфиналето на Европската лига и очекувано успеси над Австрија и над Данска. Во ерата на „сребрената лига“, значи од 2018-та досега, во фазата на најдобрите четири игравме само со Хрватска, со половичен ефект.
Во седмото полуфинале ќе влеземе во биланс 4-2, а во третиот меч против Финците во последните три години со два освоени сета во идентичните порази со 3-1 на претходните два континентални самита. Финска е речиси целосно променета, со исти играчи на примачка дијагонала – Ронкаинен и Макинен. Ги нема Тервапорти, Керминен, Сивула, Сирила и Синконен во однос на пресметката лани во Тампере. Тимот е млад, но одлично селектиран, а искуството на Ѓорѓиеви, на Деспотовски, на Милев, на Маџунков, може да биде наша силна страна.
Ние ги немаме Наков, поради семејни причини, и Михаилов поради здравствени проблеми, па единствено либеро ќе биде Милев. Значи, ќе играме со линијата којашто ни ги донесе последните двепобеди со Романија и со Босна и Херцеговина.
Да се зборува за фаворити и за аутсајдери на завршен турнир е како дисонантен тон во музиката. Финците се 12-та, ние 24-та одбојкарска сила на континентот, но ние честопати сме играле за пркос, за себедокажување, за исполнети македонски срца. Утрешниот натпрвар, а и целиот завршен турнир во Европската сребрена лига е во таков контекст
Фото: Одобојкарска Федерација на Македонија