Старите непријатели Англија и Германија ќе ги обноват непријателствата на стадионот Вембли во осминафиналната фаза на ЕУРО 2020. Дербито на оваа рунда на Вембли се игра во терминот од 18:00 часот.
Англија стигна во оваа фаза од првото место во групата Д додека Германија успеа да го освои второто место во групата на смртта.
Саутгејт спрема одмазда уште од играчките денови
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Овој меч ќе му разбуди големи спомени на Герет Саутгејт. Во единственото полуфинале на Англија, во далечната 1996 година, на истиот терен во Лондон играа Англија и Германија. Беше 1:1 по двете продолженија и следеа пенали. Последен во шестата серија шутираше Саутгејт и го промаши пеналот. Сега тукму Саутгејт, но како селектор на Англија на истиот стадион ќе се обиде да и се одмазди на Германија.
Англија одигра добро во групната фаза, каде забележа две победи над Хрватска и Чешка и реми со Шкотска и тоа без да прими гол. Италија беше единствениот друг тим кој се пласираше во осминафиналето без да прими гол.
Веќе поминаа повеќе од 450 минути фудбал, откако тимот на Саутгејт последен пат прими гол и тие влегуваат во пресметката со Германија по девет натпревари без пораз во сите натпреварувања. Но на сите последни четири Англија постигнуваше само по еден гол.
Без разлика дали Саутгејт се одлучи да ја задржи вербата во 4-2-3-1 или да се посвети на неговата претходно фаворизирана одбрана со тројца, едно е сигурно – Англија едноставно мора да биде подобра во офанзива ако сака да ја елиминира Германија.
Никогаш не ја отпишувајте Германија
Германија имаше голема среќа што се најде во оваа фаза на Европското Првенство. Уште пред шампионатот, се гледаше дека Германија ја нема својата препознатлива игра, уште по оној пораз од Македонија, па и по пријателските средби пред првенството. Тоа се покажа како точно. Навистина беше тешка групата, во која Германија играше со актуелниот европски првак Португалија и актуелниот светски првак Франција, но на крајот сите три моќници успеаја да напредуваат бидејќи Унгарија едноставно немаше среќа.
Фудбалерите на Лев, без сомнение имаа среќа да загубат само со 1:0 од Франција во нивниот прв натпревар. Потоа конечно германците се разиграа и ја совладаа Португалија и тоа со 4:2, но повторно разочараа со Унгарија. Тие мораа да се потпрат на Леон Горецка кој ги спаси во ремито 2:2 со Унгарија.
Германија можеби на нема силата што некогаш ја имаа, но нивната склоност кон големи турнири е добро документирана, бидејќи тие успеаја да се пласираат во полуфиналната фаза на Европските шампионати трипати последователно откако Лев го презеде селекторското место во 2006 година.
Прогноза
Тежок ќе биде овој меч за двете селекции, за двајцата селектори и во тоа сме сигурни. Тежок ќе биде овој меч и за прогнозирање. Може да заврши со повеќе или поалку голови, а може да слави било која селекција. Во прашање ќе бидат мали нијанси и јас не верувам дека некоја од селекциите ќе нападне без да размислува премногу на дефанзивата.
Предноста на Англија е домашниот терен, но и формата. Но Германија е Германија и без разлика во каква форма се наоѓа, може да слави против секого. Впрочем, тоа го имаат докажано безброј пати досега. Тие се најопасни кога се отпишани, а беа отпишани уште пред стартот на ЕУРО 2020.