Вчера вечер македонската кошарка ја погоди трагедија, еден од најдобрите македонски тренери во младите категории на македонската кошарка, Драган Василов го загуби животот на камп во Маврово.
Денес од него се прости и претседателот на Кошаркарската Федерација, Перо Антиќ.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Во вакви моменти нема зборови кои ќе донесат утеха и ќе ја намалат болката, но сепак дозволете ми, сакам да упатам најискрено сочувство до семејството на мојот голем „френд“ Драган Василов – Цевка, за огромната загуба на нивниот сопруг, татко, дедо.
Во овие моменти на тага кои е тешко да се опишат, сакам да се присетам на сите оние досетки, шеги што еден со друг си ги имавме приредено. Да, понекогаш дури и само споменувањето на неговото име, ми носеше од оние заразни насмевки, типични, негови…
Ти беше тој кој од 80 деца ме одбра во групата од 20, и ги кажа магичните зборови ‘извод од матично и две слики’…
Ти беше тој што виде нешто во мене, и избра да ме земеш како најмлад во кадетската репрезентација на Македонија, и покрај, според мене, поквалитетни кошаркари. Да ми го овозможиш, да ми го дадеш тоа чувство како е да се игра на Европско кадетско првенство…
Ти беше тој што направи да ја засакам кошарката и да уживам во неа!
Таков беше, таков и ќе те паметам…
Верувам дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурен сум дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе.
Мојот, нашиот Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи… Другар, пријател, и семеен човек за пример – едноставно, легенда.
Легендите живеат засекогаш. Збогум Батка!“
Твојот Перо“, стои во пораката од Антиќ на официјалниот сајт на федерацијата.