Играчот за врска на Рома, Раџа Наинголан ја отфрли можноста да се пресели во Интер заедно со тренерот Лучијано Спалети истакнувајќи дека е среќен во Рим.
Во наредните денови се очекува Спалети официјално да биде промовиран во нов тренер на Интер, а медиумите тврдат дека со себе сака да го донесе и Наинголан.
Наводно Интер е спремен да му ја исполни желбата и спремил понуда од 40 милиони евра, но Белгиецот вели дека ќе ги одбие „нероаѕурите“.
„Единствено каде што ќе одам е на заслужен одмор. Сакам да останам во Рома, секогаш го кажувам тоа. Едноставно е, со своите постапки покажав дека го сакам овој клуб кога го одбив Челзи минатата година“, изјави Наинголан.
Наинголан е еден од клучните фудбалери на Рома веќе неколку години, а дали навистина ќе остане на „Олимпико“ останува да видиме.