РК Вардар во новата сезона ќе влезе со големи промени во раководството, претстедателот Михајло Михајловски на денешната прес-конференција соопшти дека се повлекува, а во раководството влегуваат Борко Ристовски и Стојанче Стоилов.
„Се вратив во Вардар бидејќи имав цврсти ветувања дека ќе добијам помош од високи функционери во државата, но тоа не се случи. Си наоѓав оправдување, за несреќа влетавме во пандемија и во целиот свет, па така и кај нас приоритет беше здравството, спортот остана некако на последно место.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Оваа трета година, кикснавме, освоивме трето место. За мене е тажно што на свој терен загубивме од Алкалоид кој го победивме претходно девет разлика. Така дојдовме во ситуација да одиме во ждребот, каде што како знаете го добивме Рајн Некар Левен кој беше најнепосакуван“.
„Минатата година најавив дека сакам да се повлечам, но чекав да најдам вистински луѓе. Сега верувам дека најдов луѓе кои можат да го водат Вардар. Јас во иднина нема да имам никаква функција, тука ќе бидам ако треба да дадам некој совет“, потврди Михајловски.
Борко Ристовски ќе биде новиот извршен директор на Вардар, додека Стојанче Стоилов ќе биде во улога на помошник на тренерот Владо Недановски.
„Чест ми е што ќе бидам на ваква одговорна функција во Вардар, балгодарен сум на претседателот Михајловски за укажаната доверба. Сите мои контакти кои ги стекнав низ годините ќе се обидам да ги искористам да му помогнеме на Вардар. За мене ова ќе биде еден нов чекор и верувам дека ќе бидеме успешни. Наша цел во првата сезона ќе биде да го стабилизираме клубот, како на финансиски, така и на играчки кадар. До овој момент имаме потпишано договори со шест играчи кои Недановски и Стоилов проценија дека им се потребни. Оставаме простор, доколку се укаже шанса да доведеме и ново име, но сега почнуваме со овие играчи“, изјави Борко.
Стоилов е свесен дека патот нема да биде лесен, но и тој верува во успех.
„Низ годините видов убави работи од Вардар, знам како се чувствував кога бев дел од тоа. За жал, во последните години Вардар беше оставен сам на себе, со многу опструкции, но мислам дека сме подготвени да свртиме нов лист. Целта е да го вратиме Вардар онаму каде што припаѓа, пак да биде шампион на Македонија и да игра во Лигата на Шампионите. Можеби тоа нема да се случи веднаш, но ќе работиме за таа заедничка желба да се реализира“, изјави Стоилов.
Нови играчи на Вардар се: Стефан Петриќ, Марко Срдановиќ, Матија Николиќ, Кеисуке Јакусира, Нилтон Мело и Хансен Родригез.
Функција ќе има и директорот на Неуромедикa, Емил Угриновски кој ќе биде претседател на неизвршните директори.