„Сега е навистина готово, го соблеков дресот за последен пат. Да се биде роден римјанин е привилегија, а чест е да се биде капитен на овој тим“, изјави римскиот принц Франческо Тоти на неговиот последен натпревар во фудбалската кариера, воедно и последен во дресот на Рома, тимот на кој му остана верен до самиот крај.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Легендарниот капитен на Рома, после мечот со Џенова, и официјално се прости од клубот во чиј дрес помина четврт век и целата своја фудбалска кариера. Најубавата приказна е завршена, но легендата ќе трае засекогаш.
Тоти плачеше, Олимпико ронеше солзи, речиси и да немаше ниту еден од вкупно 70.000 навивачи на стадионот кој не го доживеа емотивно заминувањето на „Принцот од Рим“ во фудбалска пензија.
„Дојде тој момент, иако се надевав дека никогаш нема да дојде. Овие денови прочитав многу убави работи за мене. Плачев на само, како луд, сè повеќе секој ден. Невозможно е да се објаснат 28 години во неколку реченици. Би сакал да можам да го направм тоа со песна, но не сум добар во тоа. Се обидов да се изразам со нозете, бидејќи така изгледа полесно. Кога сме кај тоа, дали знаете која беше моја омилена играчка кога бев мал? Фудбалската топка. И уште е таа. Но, во еден момент мораш да пораснеш. Тоа е она кое ми го кажаа, време е да донесеш одлука. Сакам ова писмо да им го посветам на моите деца кои ме бодреа. На сите оние кои пораснаа со мене и станаа татковци. За својата кариера сакам да зборувам како за бајка, а овој е нејзиниот најлош дел. За последен пат го соблекувам дресот. Престанувам да играм, но моето срце засекогаш ќе биде со вас. Сега е навистина готово, го соблекувам дресот за последен пат. Да се биде роден римјанин е привилегија, а чест е да се биде капитен на овој клуб. Ова беа 28 години на љубов. Ве сакам“, порача Тоти, чие простување од публиката вчера одеше многу бавно, бидејќи беше свесен дека ова му е последен пат во фудбалска опрема да истрча на Олимпико.
Принцот од Рим за „Волчицата“ дебитираше на 28 март, 1993 година, а во текот на кариерата одигра 786 натпревари и постигна 307 гола.