Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола во летниот преоден рок планира целосна реконструкција на тимот. Многу од актуелните фудбалери ќе го напуштат „Етихад“, а раководството на менаџерот ќе му даде буџет од неверојатни 350 милиони евра.
Манчестер Сити под водство на Пеп Гвардиола не ги постигнува посакуваните резултати, во Лигата на шампионите испадна во осминафиналето, титулата во Премиерлигата е загубена, поради што каталонскиот стратег се одлучи за комплетна реконструкција на тимот.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Јаја Туре, Гаел Клиши, Пабло Забалета, Вили Кабаљеро, Хесус Навас, Бакари Сања нема да добијат понуди за нови договори, откако не го убедија Гвардиола и сигурно ќе го напуштат клубот како слободни фудбалери.
Од играчите кои Сити ги испрати на позајмица во други тимови (Џо Харт, Елиаким Мангала, Самир Насри, Вилфред Бони и Џејсон Денајер), Гвардиола ќе се обиде да заработи одреден сума на пари. која ќе ја вложи во нови фудбалери.
Сити ќе го напуштат и Фабијан Делф, Фернандо, Келечи Ихеначо кои ретко добиваат шанса оваа сезона, односно Венсан Компани кој повеќе е повреден отколку што игра. Загрижувачки за навивачите на Сити е тоа што менаџерот ќе го продаде и Серхио Агуеро со цел да му отвори простор на талентираниот бразилски тинејџер Габриел Жесус.
Целта на Гвардиола, кој според некои проценки, ќе добие 350 милиони евра за нови засилувања е да оформи исклучително млад тим, односно да го продолжи трендот на носење млади фудбалери како Лирој Сане (21), Рахим Стерлинг (22) и Жесус (19).
На голманската позиција прв пик на Гвардиола е чуварот на мрежата на Милан, Џанлуиџи Донарума, а како алтернатива се споменува младиот голман на Бенфика, Едерсон Мораеш.
Гвардиола ги сака и бековите на Тотенхем Кајл Вокер и Дани Роуз, а резервна опција за позицијата лев бек е Сеад Колашинац од Шалке. Во централниот дел од одбраната на Џон Стоунс, Гвардиола сака да му ги приклучи Ајмерик Лапорте од Атлетик Билбао и Џошува Кимих кого го тренираше во Баерн.
Најтешка задача на Гвардиола ќе му преставува трансферот на Деле Али од Тотенхем, за кого клубот неколку пати нагласи дека не е на продажба.